fbpx

Русија прогласи познат писател за странски агент, свештеник се соочува со протерување зашто одбил да се моли за победа над Украина

„Ете, оние што сакаат да се борат, кренаа оружје против Света Рус, надевајќи се дека ќе го поделат и уништат нејзиниот обединет народ...Стани, Боже, да му помогнеш на својот народ и да ни дадеш победа преку Твојата сила“, се вели во молитвата што свештеникот Умински одбил да ја прочита

-

Руското Министерство за правда во петокот назначи еден од најпопуларните писатели во земјата за странски агент, поради неговото противење на војната на Москва во Украина, јави Гардијан.

Историските детективски приказни на Борис Акунин, псевдонимот на Григориј Чартишвили, кој е роден во Грузија, беа бестселери во Русија пред властите да ги отстранат од продажба и да му се спротивстават за, како што рекоа, неговите неприфатливи антируски ставови.

Министерството за правда го наведе противењето на Чартишвили на она што Москва го нарекува „специјална воена операција“ во Украина и го обвини дека дистрибуирал лажни и негативни информации за Русија и оти помагал да се соберат пари за украинската војска.

67-годишниот автор живее во Британија. Ознаката за странски агент носи негативна конотација од советската ера и ги обврзува луѓето да се идентификуваат како странски агенти на социјалните мрежи и во публикациите, а истовремено се изложени и на истоштувачки барања за финансиски извештаи.

Иста ознака добија и други писатели и културни личности кои ги налутија властите во Кремљ зборувајќи против војната во Украина.

Во меѓувреме, истакнат свештеник се соочува со протерување од Руската православна црква затоа што одбил да прочита молитва со која бара од Бог да ја води Русија до победа над Украина, пренесува Гардијан.

Во пресудата објавена вчера, црковниот суд вели дека Алексиј Умински треба да биде избркан од „светите наредби“ поради прекршување на неговата свештеничка заклетва. Одлуката била проследена на одобрување до патријархот Кирил, поглаварот на руската црква кој силно го поддржува претседателот Владимир Путин.

Црковниот суд рече дека Умински ја прекршил заклетвата со тоа што одбил да ја прочита „Молитвата за Света Рус“ – архаично име за Русија, која патријархот Кирил ја направил задолжителна за црковните служби.

„Ете, оние што сакаат да се борат, кренаа оружје против Света Рус, надевајќи се дека ќе го поделат и уништат нејзиниот обединет народ…Стани, Боже, да му помогнеш на својот народ и да ни дадеш победа преку Твојата сила“, се вели во молитвата што Кирил ја изговорил првпат во септември 2022 година, седум месеци по почетокот на руската инвазија врз Украина.

Случајот покажува како црквата се соочува со внатрешни несогласувања додека ја дава својата поддршка за Путин. Десетици руски православни свештеници се казнети поради оспорување на црковната линија за војната и за читање на молитви за мир, наместо за победа.

Умински е најистакнатата жртва досега. Тој служел 30 години како постар свештеник во црква во Москва, пред ненадејно да биде отпуштен овој месец, непосредно пред православниот Божиќ. Тој бил познат по неговата работа со болни деца и возрасни, а го предводел и погребот на поранешниот советски претседател Михаил Горбачов во 2022 година.

Во интервју во ноември, Умински рече дека јазикот на војната и на „специјалната воена операција“ на никој начин не се компатибилни со црковната литургија.

Над 11.000 верници потпишале отворено писмо за негова поддршка откако бил сменет од функцијата свештеник во црквата „Света Тројца“ во Москва и на негово место дошол Андреј Ткачов, гласен поборник на војната во Украина.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...