fbpx

Русија претрпува тешки загуби кај Авдивка, украинските сили со пробив кај Херсон

Украинските власти тврдат дека успеале да стекнат упориште од десната страна на реката Днипро, со што се отвора можност за нов фронт против руските сили во правец кон полуостровот Крим

-

Колку повеќе руски сили се уништени во близина на Авдивка, толку полоша ќе биде целокупната ситуација за непријателот, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски. Русија во изминативе недели безуспешно се обидува да го освои градот Авдивка во Донецкиот регион, пренесува Гардијан. 

„Русија веќе губи луѓе и опрема во близина на Авдивка побрзо и во поголем обем отколку, на пример, во близина на Бахмут“, изјави претседателот Зеленски.

И покрај интензивните напади на руските сили кај Авдивка, тие не успеваат да го освојат градот кој е лоциран во близина на Донецк.

Во исто време, украинските власти потврдуваат дека нивните сили успеале од левиот брег на Херсонскиот регион да ја преминат реката Днипро и да обезбедат присуство на спротивниот брег кој се наоѓа под руска окупација.

Украинските власти тврдат дека успеале да стекнат упориште, со што се отвора можност за нов фронт против руските сили во правец кон полуостровот Крим.

Во меѓувреме, Русија континуирано врши ракетирања врз населени места во Украина. Во ноќниот ракетен напад врз градот Селидове во Донецкиот регион загина едно лице, тројца се повредени, додека тројца цивили се стравува дека се наоѓаат под урнатините на објектот. Станува збор за станбен кварт кој бил под напад од руски ракети од систем за противвоздушна одбрана С-300, јавува Укринформ. Спасувачки екипи работат на местото на нападот.

Жителите на градот низ плач раскажуваат дека Русија погодила цивилен објект, каде што немало војници.

„Таму немаше војници, туку само цивили“, рече Олха, 64-годишна жена која живее во соседството на зградата и ја познавала жената што била убиена во рускиот напад, пренесува Гардијан.

Русија непрекинато врши ракетни и беспилотни напади врз населени места позади линијата на фронтот во текот на нејзината 21-месечна инвазија на Украина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...