Русија го блокираше пристапот и до Инстаграм

Инстаграм
фото: Solen Feyissa на Unsplash

Рускиот државен надзорен орган за медиуми, Роскомнадзор, соопшти дека Инстаграм ќе биде блокиран во земјата поради „повици за насилство“ против руските војници, јавува „Би-би-си“.

Одлуката на руските власти следи откако компанијата-сопственик на Инстаграм, „Мета“, најави дека ќе им дозволи на своите корисници во некои земји да повикуваат на насилство против рускиот претседатеп Владимир Путин и руските војници.

Привремено ќе бидат дозволени насилни објави како „смрт за руските напаѓачи“, кои обично би ги прекршиле правилата на социјалните мрежи во сопственост на „Мета“. Сепак, повиците за насилство врз руски цивили нема да бидат дозволени.

Како одговор на променетата политика на „Мета“, Русија ги повика САД да ги запрат „екстремистичките активности“ на оваа компанија.

Руското државно обивнителство побара да се покрене кривична истрага против „Мета“, повикувајќи се на руските закони за пропаганда и екстремизам.

Москва го оневозможи пристапот до неколку социјални мрежи од почетокот на инвазијата, или како што руските власти ја нарекуваат, „специјалната операција“ во Украина.

Од платформите на „Мета“, во Русија засега сè уште функционира апликацијата за пораки „Вотсап“, која е најпопуларна апликација од овој вид во земјата.