Твитер и Фејсбук отстранија објави на Руската амбасада во Обединетото кралство за бомбардирањето на болница во Украина

фото: Dima Solomin на Unsplash

Социјалните мрежи Твитер и Фејсбук, која е во сопственост на компанијата „Мета“ ги отстранија објавите на Руската амбасада во Обединетото Кралство за бомбрдирањето на детската болница во Мариупол, поради кршење на правилата против негирање на насилни настани, пренесува „Ројтерс“.

Претходно, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека три лица, вклучително и едно дете се убиени во воздушниот напад во средата врз породилиштето и детската болница во украиинскиот град.

Еден од твитовите на Руската амбасада во Обединетото Кралство содржел слики со црвена етикета со натпис „лажно“, тврдејќи дека породилиштето не било во функција и дека го користеле украинските вооружени сили.

Русија го смени својот став за бомбардирањето на болницата, прво негирајќи го, а потоа упатувајќи барање да се утврдат јасните факти.

Москва презема строги мерки против технолошките платформи за време на инвазијата на Украина, која руските власти ја нарекуваат „специјална операција“. Меѓу другото, Фејсбук е целосно блокиран во Русија, додека Твитер се соочи со низа рестрикции. Оваа социјална мрежа лансираше своја нова верзија со заштитена приватност дизајнирана за да ја заобиколи цензурата и надзорот на руската влада за текот на информации во врска со конфликтот во Украина.

Инаку, „Би-би-си“ пренесе дека Фејсбук и Инстаграм одучиле привремено да им дозволат на корисниците во некои земји да повикуваат на насилство против Владимир Путин и руските војници.

Компанијата „Мета“ вели дека привремено дозволува одреден вид на насилен говор, како „смрт за руските напаѓачи“, што обично би ги прекршило правилата на социјалните мрежи.

Според изменетата политика, корисниците во земјите како Русија, Украина и Полска, ќе можат да повикуваат и на смрт на рускиот претседател Путин и белорускиот претседател Лукашенко.

Повиците за насилство против руски цивили нема да бидат дозволени.