Рокот за аплицирање за стипендии за студирање на најдобрите светски универзитети е 15 септември

Фото: Photo by MD Duran on Unsplash

Поради големиот интерес за студирање на најдобрите 100 светски универзитети според Шангајската ранг листа, Министерството за образование и наука донесе одлука рокот за аплицирање за доделување на стипендија за престижните студии да биде до 15 септември.

„Иако има значително зголемен број на апликации на објавените конкурси за стипендии за прв, втор и трет циклус на студии на највисоко рангираните високообразовни установи во светски рамки, министерството врз основа на извршени дополнителни анализи одлучи рокот за аплицирање да не се менува“, информираат од Министерството за образование и наука.

Тие потсетуваат дека право да аплицираат на конкурсите за стипендии имаат државјани на Република Северна Македонија кои се примени на некој од најдобрите 100 универзитети во светот, не се корисници на стипендија од друг давател и имаат постигнато одреден успех во текот на претходното образование, зависно од циклусот на студии на кој се запишуваат.

Износот на стипендијата зависи од земјата и универзитетот на кој кандидатот се запишал и го покрива трошокот за уписнина најмногу до 40.000 американски долари на годишно ниво, месечен паричен надомест и трошоците за превоз.

По завршувањето на студиите, кандидатите согласно потпишаниот договор имаат обврска да се вратат во Република Северна Македонија и да работат во јавниот или приватниот сектор најмалку двојно поголем период од периодот на студирање.