Од јануари 2022 година заклучно со 30 септември годинава, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) издала лиценци на вкупно 686 централи со вкупна инсталирана моќност од скоро 503 мегавати – капацитет што според Регулаторна е доволен за да се обезбедат потребите за електрична енергија на домаќинствата од 18 градови во државата.
Новите централи од обновливи извори што се изградени за 21 месец може да снабдуваат над 160.000 домаќинства со просечна потрошувачка од градовите Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св. Николе, Ресен, Дојран, Дебар, Виница, Струга, Неготино, Гевгелија, Велес, Гостивар, Кавадарци, Делчево и Македонска Каменица.
„Овие бројки и нови мегавати се потврда дека енергетската транзиција е реалност. Дополнително, во широката слика за да се балансира системот значајно ќе придонесе и изградбата на долгоочекуваниот капацитет ХЕЦ Чебрен – што ќе претставува своевидна батерија“, вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Минатата година РКЕ издала лиценци на 267 централи, додека од почетокот на 2023 година до септември биле издадени лиценци на уште 419 централи.