Ристовски: Младите волонтери на Црвен крст се енергија без која не би успеале во работата

Млади волонтери на Црвен крст / Фото: Архива на Црвен крст

Околу 150 млади волонтери на возраст до 30 години се дел од триесетина мобилни тимови на Црвен крст кои се дел од борбениот фронт против корона вирусот. Тие со својата поддршка на терен, извршуваат набавка на храна, средства за хигиена и лекови кои им се потребни на граѓаните. Потоа, овие производи волонтерите им ги доставуваат на лицата кои според препораките не смеат да излегуваат од своите домови, како старите лица, самохрани родители, лица во самоизолација, изолација, семејства со лица со посебни потреби итн.

Во секоја канцеларија на Црвен крст има администратор кој одговара на повиците од страна на заинтересираните граѓани за набавка на одредени производи. Волонтерот пополнува прашалник за потребите на граѓаните, а потоа во координација со останатите членови на мобилните тимови и со стручната служба од самата организација се прави прераспределба на задолженија. Освен тоа, волонтерите често пати ги посетуваат и матичните лекари за подигнување на рецептите со кои може да се набави потребната терапија.

„Лично сметам дека системот кој многу брзо го поставивме, одлично профункцинира, а се базираше на нашите претходни искуства со работа на мобилните тимови. Младите волонтери внесоа ведрина, свежина, сила, енергија во нашата работа без која не би ја завршиле работата на ваков добар начин. Волонтерите се нашата сила, тие се енергија без која не би можеле да се движиме напред. Особено сме горди на нив во оваа ситуација кога безрезервно се дадоа со цел да се намали хуманитарниот предизвик и да се ублажат човечките страдања“ – изјави за Мета, Александра Ристовски, национален координатор на Програмата „Промоција на хумани вредности“ во Црвен крст.

Деветнаесетгодишната Наталија Крстевска веќе четири години е волонтер во Црвен крст и е вклучена преку проектот „Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности“. Како што вели таа, волонтерската работа ја исполнува.

Наталија Крстевска / Фото: Архива на Црвен крст

„На повикот на Црвен крст, со голема желба и пожртвуваност се приклучив на мобилниот тим и веќе два месеца заедно со мојот тим им помагаме на нашите сограѓани на кои им е најпотребна нашата помош. Горда, среќна и исполнета сум што успеав да дадам свој придонес во справување со оваа наша борба“ – изјави Крстевска за Мета.

Но, освен на терен, младите од Црвен крст најдоа начин како да им се излезе во пресрет и на нивните врсници. Бидејќи новонастанатата ситуација ги принудила да ги откажат активностите на кои вообичаено биле фокусирани во Црвен крст, сепак дел од нив одлучиле времето поминато дома да го искористат за одржување и на стандардизирани онлајн врснички едукации поврзани со теми кои што се во склоп со работата на Црвениот крст.

„Откако успеавме да ја оствариме нашата замисла, веднаш продолживме со онлајн вклучување на тема мотивација и личен развој со помош на стручни лица од таа област. Нашата цел од самиот почеток беше младите да го исполнат своето слободно време корисно со едукативни содржини“ – вели Маја Наумовска, која е долгогодишен волонтер и лидер на клубот на млади при Црвен Крст на Република Северна Македонија во Општинската Организација Кисела Вода.

Таа вели дека вонредните услови им овозможиле да одржат 17 презентации со кои биле опфатени 10 различни теми на дискусија, а на кои учествувале околу 350 слушатели и 9 гости предавачи.