fbpx

Реката Вардар и пролетва поплави голема земјоделска површина во Јегуновце

-

Реката Вардар во атарот на тетовското село Копанце месецов, за време на поројните дождови, неколкупати се излеа и уништи, како што велат локалните жители, околу 500 декари земјоделска обработлива површина. Од излевањето на реката, еродира и земјата долж течението на Вардар, која е во приватна сопственост.

– Јас тука имам 20 декари засадено со луцерка. Цела таа површина беше под вода. Сега веќе не може да се користи. Луцерката е пожолтена, уништена, не може ни механизација да влезе да ја искоси, затоа што целата земја е тиња – изјави Меметали Амети, жител на Копанце.

Жителите од Копанце сметаат дека одроните на земјата долж текот на Вардар и излевањето на водата од оваа река, може да се спречи само доколку властите го регулираат коритото, односно го изградат со соодветен материјал.

Од Општина Јегуновце велат дека се работи на проект за регулација на коритото на Вардар.

– Треба годинава да се изработи проектна документација, а потоа да се избере изведувачот на градежните работи. Се надеваме дека годинава ќе почнеме со работа. Вкупната сума за целосна реализација на проектот изнесува 6 милиони евра. Годинава, за проектот, Владата има одвоено само 100 милиони денари, што значи дека проектот за регулација на реката Вардар ќе се работи етапно повеќе години – изјави градоначалникот на Општина Јегуновце, Тони Коцевски.

Жителите од неколку села од Општина Јегуновце две децении се соочуваат со поплави од надојдените води на реката Вардар. Властите секоја година велат дека ќе го регулираат коритото, но состојбата на терен останува непроменета.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.