fbpx

Груевски: СЈО го изгуби кредибилитетот

-

Специјалното јавно обвинителство има задача да го оцрни ВМРО-ДПМНЕ и да му помогне на СДСМ, оцени лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, додавајќи дека СЈО на тој начин го урнало својот кредибилитет.

– Прес-конференциите на Специјалното јавно обвинителство, нивните празни пријави кои ги доставуваа за истраги и слично до судовите, укажуваат дека ова обвинителство практично е узурпирано од една група луѓе, кои се длабоко партиски мотивирани и кои имаат единствена задача да ги оцрнат луѓето кои се во ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин да му помогнат на СДСМ да дојде на власт. Тоа не беше идејата кога се договаравме за создавање на вакво обвинителство и тоа го урна кредибилитетот на ова обвинителство – оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во вечерашното интервју за телевизија „Сител“, дадено пред почетокот на прославата на 26. роденден на партијата.

Груевски изјави дека го регулирале работењето на медиумите за време на изборниот процес.

– Тоа веќе не е прашање, тоа се усвои во Собранието, гласаа сите партии и нема никакво прашање во однос на работењето и на регулирањето на медиумите за време на изборите. Она што сега тие го отвораат е за по изборите, односно како би сакале тие да биде регулирањето и ние тука имаме еден кристално јасен став. Ако сакаме сите земјата да стане членка на ЕУ, ние треба да одбереме која од 28-те земји членки има најдобра регулатива за медиумите. Јас не велам ние да избереме, нека изберат тие, нека изберат во консултации со кого сакаат – рече Груевски.

Во воведното обраќање на роденденот на партијата, Груевски нагласи дека во овие 26 години ВМРО-ДПМНЕ го оправда носењето на префиксот ВМРО во своето име, но и префиксот ДПМНЕ.

– Ако ги анализираме овие 26 години, ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била победена на избори или без правење класичен фалсификат на изборите, како во 1994 и во 2004 година, или со помош на надворешен фактор, како во 2002 година, иако во овие ситуации СДСМ не беше без шанса за победа и без помошта од надвор или фалсификатот. Не сакам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ е непобедлива. Тој што во услови на демократија ќе го помисли тоа или за која било партија ќе го каже тоа, ќе погреши – рече Груевски.

Тој се осврна и на невладините организации и го отвори прашањето зошто 80 отсто од финансирањето на тие организации доаѓа од еден центар и зошто тој постојано е против ВМРО-ДПМНЕ.

– Се поставува прашањето зошто соросовите невладини организации, кои веројатно се 80 отсто од сите такви, секогаш, ама баш секогаш, се против ВМРО-ДПМНЕ и секогаш, ама баш секогаш, на страна на СДСМ, независно кој е на власт, а кој во опозиција. Дали во овие 26 години ВМРО-ДПМНЕ не направи барем еден чекор или предлог кој на спонзорот на овие невладини органзации му се допадна или, пак, СДСМ не направи една грешка заради која ќе излезеше на протест против неа или е нешто друго во прашање. Барем еден чекор. Дали некому му пречи што ВМРО-ДПМНЕ сака самостојна држава со сите атрибути и се бори за нејзино зајакнување во секоја смисла и држава што ќе ја управува нејзиниот народ преку демократски избори, а не некој друг. Зошто ВМРО-ДПМНЕ секогаш се потпира на народот и на неговата волја, а СДСМ секогаш се потпира на надворешни сили и интереси? – рече Груевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...