Лидерите на Русија и на САД, Владимир Путин и Донлад Трамп, ќе разговараат за Северна Кореја на Азиско-пацифичкиот форум за економска соработка во Виетнам следната недела, соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој истакна дека двајцата претседатели на самитот ќе имаат можност да разговараат и дека во тек се подготовките за нивната средба.

Американската телевизија „Си-ен-ен“ вчера, исто така, јави дека двајцата претседатели треба да се сретнат следната недела на самитот во Виетнам.

– Сакаме Путин да ни помогне околу Северна Кореја, а ќе имаме средби и со други лидери – изјави Трамп.

„Си-ен-ен“ коментира дека средбата доаѓа во незгоден момент за Трамп, поради истрагата за неговата поврзаност со Русија за време на претседателската кампања во 2016 година.

Се очекува дека Путин и Трамп ќе се сретнат на маргините на самитот на азиско-пацифичките лидери, кој почнува следниот четврток.