Протести во Србија против ископувањето на литиум

Граѓаните на Србија протестираат против Договорот за ископ на резерви на литиум во долината Јадар, со кој ЕУ сака да ја намали зависноста од Кина. Еколошките активисти и опозициските групи во Србија сметаат дека овој зафат ќе предизвика непоправлива штета на животната средина и дека граѓаните нема да добијат ништо од тоа

-

Низа протестни собири со рекордна посетеност против Рио Тинто вчера продолжија на повеќе места во Србија, соопшти српската Архива на јавни собири, а пренесе Н1.

Со повеќе од 7.000 учесници, протестот против ископ на литиум во Шабац стана најголемиот политички митинг во Србија годинава.

„Не за Рио Тинто, сакаме чист воздух и чиста вода“, беше пораката на жителите на Шабац на вчерашниот протест.

Покрај Шабац, се протестираше и во Краљево, Аранѓеловац, Бараево и Љиг.

Граѓаните на Србија протестираат против Договорот за ископ на резерви на литиум во долината Јадар, со кој ЕУ сака да ја намали зависноста од Кина. Минатата недела во Белград беше потпишана Декларација, во присуство на германскиот канцелар Олаф Шолц.

Еколошките активисти и опозициските групи во Србија сметаат дека овој зафат ќе предизвика непоправлива штета на животната средина и дека граѓаните нема да добијат ништо од тоа.

Пред неколку години, британско-австралиската компанија Рио Тинто започна проект за отворање рудник за литиум во долината Јадар на западот од Србија, што наиде на голем отпор, па проектот беше прекинат.

На почетокот на јули годинава, Уставниот суд на Србија ја укина владината одлука за суспендирање на проектот вреден 2,2 милијарди евра и со тоа го отвори патот за негово обновување.

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека копањето нема да започне пред 2028 година. Според него, Владата ќе бара гаранции за зачувување на животната средина пред да го одобри ископувањето.

Голем протест против ископувањето на литиум е закажан во Белград за 10 август, објави неформалната група граѓани „Еко Стража“ на социјалната мрежа „Х“, а пренесе Н1.

На тој датум, се вели во соопштението, истекуваат четириесетте дена што Сојузот на еколошки организации на Србија ѝ ги даде на владата да го усвои законот за ископ на литиум и „да спречи газење на сопствената одлука за прекин на проектот Јадар“.

Протест за в петок, 2 август, пак, е закажан во Панчево, од страна на локални активистички групи.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Собирам пари за УКИМ“ – уметничка акција за истакнување на проблемите на студентите

Студентите кои денеска ги запишуваа своите трети, петти и седми семестри на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) налетаа на необична глетка - предмети како монитори, книги, јакни и...