Протести против полициската бруталност за денеска се најавени во повеќе градови. Граѓаните се организираат во Штип, Охрид, Куманово, Кавадарци, Струмица, Прилеп, Битола и во Скопје.
Секаде ќе се протестира против полициската бруталност, со барање за расветлување на убиството на Мартин Нешковски и за нова истрага за сообраќајната несреќа во која загина Никола Младенов.
Демонстрантите деновиве размислуваат и за промена на методот на протест. Според нашите информации, можно е да се блокираат крстосниците во центарот на Скопје и со таканаречено „тивко диско“ да демонстрираат смиреност и ненасилност.
На вчерашните протести на полицијата ѝ беа делени гумени бомбони и цвеќе.
„По неделните настани, обелоденувањето на снимките на кои се потврдува скривањето на убиството на Мартин Нешковски од страна на власта, и протестот во Скопје, и Охрид се приклучува на протестите против полициската бруталност! Охрид гордо стои до Скопје, Битола, Прилеп, Струмица, Кавадарци и до Куманово, исправено, сите солидарно за подобро утре!“ стои во повикот на „Фејсбук“.
Тие ги повикуваат охриѓани на масовност.
„Драги охриѓани, движењето „Стоп за полициска бруталност“ не е централизирано движење и е целосна хоризонтална структура. Движењето сме сите! Затоа и немаме капацитет да ги модерираме и да се грижиме за тонот и за јазикот во настаните. Овде гледаме многу гнев и шпекулации. Не наседнувајте на лутината на оние кои профитираат од моменталната ситуација и сакаат да го заштитат тоа. Тука сме сите со една цел, подобро утре за нас и за нашите деца. Сè додека има желба да се биде на улиците и да се бара правда, така треба и да биде! Храбро Охрид – порачуваат на профилот на „Фејсбук“ од движењето „Стоп за полициска бруталност“.