Граѓански здруженија и движења денеска одржаа протест пред Собранието против, како што истакнаа, „антиуставниот и дискриминаторски закон за двојазичност“ и против „антимакедонските политики што ги спроведува власта“.

„Ние ве сакаме наши сограѓани од малцинставата, но треба да знаеме кој е домаќинот“, беше истакнато на протестот, на кој присутните носеа знамиња со сонцето од Вергина и се пуштаа македонски народни песни.

Ана Бубинкова – Мијаковска, претседателка на здружението на граѓани „Преродба“, изјави дека денешниот собир е „предупредувачки протест против забрзаното реализирање на антимакедонски политики во соработка со други големи центри на моќ“, каде македонскиот народ е ставен на страна.

– Од денешниот протест сакаме да испратиме порака дека македонскиот народ никогаш нема да се помири со оваа состојба и во тек е потпишување на петиција со која бараме, пред се, да престанат сите овие преговарања на штета на македонскиот народ и македонската држава и сите досегашни такви нелегитимни одлуки, закони, акти, договори и се што се носи од актуелната нелегитимна власт, не ги признаваме и ги прогласуваме за невалидни – рече Бобинкова – Мијаковска.

Таа најави дека протестите ќе продолжат и во следниот период и на нив, како што рече, ќе биде даден збор на самиот народ, за да си ги искаже своите ставови и мислења во однос на актуеланите случувања.

Како што порача Бобинкова – Мијаковска, сите здруженија на граѓани ќе стапат во коалиционо единство со народот, во „чии раце е судбината“ и дека тој ќе ја извојува својата „праведна битка за зачувување на вековниот идентитет, историја, култура, име и држава“.