fbpx

Проширување со поглед кон Исток : „Една големина за сите“ наспроти индивидуален пристап

Првиот впечаток е дека не само што проширувањето доби нови држави, туку дека сега новите држави со стекната кандидатура по брза постапка го преземаат приматот. Западниот Балкан е во втор план, а Турција не се ни става во контекстот на идно членство, пишува во најновата колумна за Порталб, Малинка Ристевска - Јорданова од Институтот за европска политика

-

И две седмици по објавувањето на овогодишниот Пакет на Европската комисија за проширувањето за сега десетте потенцијални нови членки на ЕУ, со мали исклучоци, отсуствуваат критички анализи за него. Главниот фокус е на новодојденците во пакетот – секако најмногу на Украина, а потоа Молдавија и Грузија. Првиот впечаток е дека не само што проширувањето доби нови држави, туку дека сега новите држави со стекната кандидатура по брза постапка го преземаат приматот. Западниот Балкан е во втор план, а Турција не се ни става во контекстот на идно членство.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова, Институт за европска политика

Позначајни за анализа се промените што новата група суштествено ги носи на процесот на проширувањето.  Неа сега ја карактеризира многу повеќе диверзитет – како во поглед на големината, економската структура, така и во поглед на политичките и правните системи.

1. Ако Западниот Балкан сѐ уште страда од нерешени меѓусебни билатерални прашања, но и прашања наметнати од држави членки на ЕУ, Украина е сѐ уште во војна – со важечка воена состојба поради која не се одржуваат избори. И Молдавија и Грузија имаат делови од територијата под руска контрола. И додека ваквата состојба дава дополнителна гео-политичка мотивација на ЕУ за забрзување на интеграцискиот процес, а и јакнење на јавната поддршка за проширувањето, таа истовремено го зајакнува неговиот безбедносно-одбранбен аспект, а усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика станува критериум кој предничи и пред политичките критериуми за членство.

2. Додека Комисијата декларативно го става принципот на владеење на правото пред и над сите принципи на проширувањето, во практиката гео-политиката е таа што доминира над меритократијата (особено истакнато во критичката аналиа на Бриселскиот тинк-тенк Центар за европска политика – ЕПЦ). Брзото напредување на Источното трио немаш да беше можно без симнување за неколку скалила на условеноста во областа на владеење на правото во споредба со државите од Западниот Балкан, вклучувајќи и за базичните услови на политичките критериуми, односно демократските институции – одржување избори. И токму оваа контрадикторност ги компромитира декларираните принципи на проширувањето, и ветувањето дека тоа ќе се одвива „по заслуги“. Тоа дополнително придонесува за намалување на кредибилитетот на ЕУ на Западниот Балкан, но и поттикот за реформи.

3. Ако предизвиците на интеграцијата на Западниот Балкан за Унијата беа ограничени на некои аспекти на нејзиниот иинтеграциски капацитет, предизвиците од можното членство на Украина се огромни.

– За институционалниот интеграциски капацитет на ЕУ Западниот Балкан претставува предизвик само од аспект на можното користење на правото на вето. Нивниот удел во институциите не би можел значително да го смени балансот на силите. Наспроти ова, потенцијалното членството на Украина е предизвик воопшто за интитуционалната реформа. На пример, симулацијата на Бриселскиот тинк-тенк ЦЕПС покажува дека доколку се примени сегашната формула за распределба на гласовите во квалификуваното мнозинство, Украина би имала 9% од гласовите (смалувајќи го, на пример, уделот на Германија од сегашните 18,59% на 16,9 %).

– Проширувањето кон Западниот Балкан не би било голем предизвик од аспект на влијанието врз политиките, што секако би било случај со членството на Украина – особено влијанието врз земјоделската политика, но и воопшто функционирањето на единствениот европски пазар.

Од друга страна, на Украина се гледа и како на голема можност за инвестирање – особено во областа на енергетиката, земјоделството, секторот на ИТ, но и како извор на висококваливикувана работна сила.

1. Украина значително ги зголемува трошоците на Буџетот на ЕУ, за разлика од државите на Западниот Балкан. Проценките се дека доколку би се примениле сегашните правила за користење на фондовите на ЕУ, оваа земја би користела 186 милијарди евра од вкупно 256,8 милијарди евра за деветте кандидати (не сметајќи ја Турција) за следниот буџетски седумгодишен период. Тоа би довело многу држави кои сега се корисници на Буџетот на ЕУ во ситуација да бидат негови контрибутори или, едноставно кажано, наместо повеќе да земаат од Буџетот на ЕУ, повеќе да даваат во него. Ваквиот притисок на Буџетот на Унијата значително го отежнува одлучувањето за проширувањето на државите членки.

2. Сé уште има значителни разлики во нивото на подготвеност за преземање на acquis меѓу државите од Западниот Балкан и Источното трио – особено Црна Гора, Србија, Македонија и Албанија во споредба со Источнот трио. Меѓутоа, постои посилен поттик за реформи на Истокот.

Наспроти ваквиот диверзитет и нова сложеност на процесот на проширувањето,  ако се разгледаат механизмите што ги предлага, односно воведе Европската комисија како одговор на барањата за забрзана интеграција на Западниот Балкан, ќе се забележи дека и тие се движат во насока на пристапот „една големина за сите“. Тоа се огледа во предлогот за измени на спогодбите за стабилизација и асоцијација кои би ги направиле послични со спогодбите за “длабока и сеопфатна зона на трговија“ кои ги има Источното трио со ЕУ. Покрај тоа, приближување на инструментите се гледа и во плановите за раст односно економски и инвестициски планови.

Ваквиот пристап не само што не наидува на реакција од лидерите на државите на Западниот Балкан, туку во регионот отсуствува и критичка анализа и дебата за многуте нови прашања што ги поставува суштествено изменетиот процес на проширување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...