fbpx

Промовирани резултатите од Проценката на добро владеење преку Индексот на отвореност

-

Во организација на Фондацијата Метаморфозис, денеска беа промовирани резултатите од Проценката на состојбата на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија за 2022 година, како и резултатите од Проценката на добро владеење во Северна Македонија и регионот преку Индексот на отвореност според мерењето за 2021 година. Резултатите беа презентирани на онлајн настан, на кој се дискутираше и на тема „Колку се отворени институциите во Северна Македонија?“, а учество во дискусијата земаа мноштво експерти и познавачи на приликите.

Мониторингот покажал дека Владата исполнува 81,5 отсто од индикаторите за пристапност. И оваа година, како и минатата, најотворена е Владата на Северна Македонија која исполнува 82,71 отсто од поставените критериуми за отвореност. Резултатот е многу добар, бидејќи три години по ред во регионот Владата на Северна Македонија е на првото место со исполнување на индикаторите. Потоа, преку индикаторите за ефикасност, извршната власт е оценета со 54,6 отсто исполнетост на индикаторите.

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, ја истакна важноста на транспарентноста на институциите и кажа дека таа е предуслов за развој на доброто владеење.

„Стејт департментот неодамна нѐ препозна како фискално транспарентни и тоа ме радува. Во ивештајот за 2022 година, се прави евалуација на тоа дали владите ги објавуваат буџетските приходи и расходи. Од 141 земја, која е квалификувана за странска помош, само половина ги имаат исполнето условите и меѓу нив е РСМ. Ние како Влада ја зголемуваме транспаретноста, имаме активна транспарентност 100, а огромен е напредокот и кај институциите. Транспарентноста е важна во креирањето на антикорупциски политики, а тоа е посебно важно кога станува збор за трошењето на јавните пари и користењето на државните ресурси. Мојот кабинет работи на проактивноста на институиците заедно со Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Сите договори за јавни набавки, ги задолживме институициите да ги обајвуваат на нивните веб-сттраници“, рече Грковска, потенцирајќи дека само на ваков начин може да се детектираат одредени слабости и само вака може целосно да има отвореност и транспарентност за начинот на кој би требало да се подобрат јавните услуги кон граѓаните.

Горан Лазаревски, поранешниот директор на проектот на УСАИД за граѓанско учество, истакна дека нашите локални самоуправи неретко се соочуваат со финансиска неодржливост, посебно сега со новата енергетска криза која е, како што рече, наша нова реалност.

„Затоа е неопходно да се подобрат капацитетите за навремено објавување на податоците, за да се знае какви се тие податоци и информации. Ова е од посебна важност, бидејќи на основа на тоа во иднина може да се креираат политики“, рече тој.

Мила Јосифовска – Даниловска, менаџер на програма во Фондацијата Метаморфозис потсети дека Индексот на отвореност беше развиен во 2016 година.

„Мрежата Action See беше мрежа за одговорност, технологија и институционална отвореност во Југоисточна Европа. Целта беше објективно мерење на владеењето на институциите, а индексот промовира пристап до податоци, информации, процеси и понатамошна директна поддршка за подобрување на политиките за отвореност на институциите. Стандардите за транспарентност и отвореност имаат еволуирано за полесен и попристапен формат, односно важно е документите да бидат достапни во соодветни формати кои не се скенирани. Мониториравме четири видови на институции, иако со текот на времето се насочивме кон институциите од извршната и законодавната власт. Се насочивме и кон мониторирање и на локалната власт. Ова мониторирање се одвива во повеќе земји во регионот. Индексот придонесе во неколку клучни промени на навиките на институциите. Како еден од поважните резултати е Стратегијата за транспаретност на Владата, документ кој го препозна Европската комисија и кој беше посочен како еден од главните столбови во реформата на јавната администрација“, истакна Јосифовска Даниловска.

Данче Даниловска – Бајдевска, авторка на Индексот за отвореност на извршно ниво, го промовираше документот и кажа дека овој Индекс кој е регионален, се води според рамката на принципи на добро управување и ги зема предвид политичките и економските случувања кои влијаат на институиците.

„Сега во последните три години, може да се пофалиме дека земјава предничи во однос на земјите во регионот. Има 2.500 индикатори и низ нив ќе ви посочам каде најслабо и каде најдобро стојат институциите. Беше мерена пристапноста, ефикасноста, интегритетот и транспаретноста. Ова мерење се однесува на 2021 година. Интервјуата прашалниците, анализата се правени во февруари март 2022, за годината 2021. Опфатени беа 51 институција – Владата, 16 министерства, 33 органи во состав на министерствата и Собранието. Се следеа нивните веб-страници, се одговараа прашалници, се проверуваше и законодавната рамка, но беше испратено и барање за пристап до информации од јавен карактер, за да се види степенот на исполнување на оваа обврска. Во однос на отвореноста, Владата на РСМ предничи во однос на владите на Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора“, истакна Даниловска Бајдевска.

Мониторингот покажал дека Владата исполнува 81,5 отсто од индикаторите за пристапност. Потоа, преку индикаторите за ефикасност, извршната власт е оценета со 54,6 отсто исполнетост на индикаторите. Кога станува збор за министерствата, најдобри резултати, во просек, постигнуваат министерствата на Северна Македонија со 58,56 отсто исполнување на индикаторите за отвореност. Во другите земји, министерствата исполнуваат помалку од половина од поставените индикатори – во Црна Гора 48,17 отсто, Србија 46,82 отсто, Босна и Херцеговина 38,5 отсто. Индексот на отвореност покажа дека во мерењето за 2022 година најдобри резултати имаат општините Валандово (62 отсто), Прилеп (59 отсто), Битола (57 отсто), Охрид (54 отсто), Кочани (52 отсто) како и Велес и Делчево, Демир Хисар и Крушево (50 отсто) и Василево (47 отсто), додека најниско се рангирани Долнени (9 отсто), Врапчиште (8 отсто), Карбинци (7 отсто), Бутел (6 отсто), Сопиште (5 отсто), Арачиново и Зелениково (3 %) и општина Кривогаштани со 0 отсто.

„Од 33 органи во состав на министерствата, 9 немаат веб-страници, а тоа значително влијае на средната оцена на ивршните органи. За жал тие треба многу да работат, да одделат буџет за унапредување на нивната отвореност“, рече Даниловска Бајдевска.

Методија Димовски, генералниот секретар на Владата истакна дека веднаш по неговот назначување, кажал дека негов приоритет во работата ќе биде токму подобрувањето на транспарентноста на Владата.

„Сакаме да го подобриме пристапот до одлуките на Владата. Факт е дека објавуваме за дневниот ред пред седниците, но и по седницте испраќаме соопштенија за клучните одлуки. Дел од нив се објауваат и во Службен весник, така што, тоа не е нешто што останува недостапно за јавноста. Работата на државните секретари е работата на Владата да биде повидлива и да се добиваат транспарентно информациите. Во однос на интеракцијата со граѓаните направивме исчекор, воспоставивме посебна алатка за електронско поднесување претставки до Владата. Има посебен линк на веб-страницата и таму граѓаните нема да пишуваат дописи и да ги праќаат по пошта, туку можат да пишат онлајн, а потоа нивниот допис ќе биде процесуиран“, рече Димовски.

Тој забележа дека, додека нештото го нема и не е достапно, јавноста реагира, а кога информацијата ќе ја има и ќе стане достапна, тогаш луѓето бидејќи знаат дека ја имаат информацијата, не ја користат доволно.

„Заради кризата во која државата функционира во последните три години од корона пандемијата наваму, голем дел од буџетските средства наменети за дигитализација, подобрување на транспарентност, се насочуваат за поддршка на економијата, стопанството. Намалени се реално парите за оваа намена. Од друга страна, се соочуваме и со проблемот – обезбедување на професионален ИТ кадар. Цената на ИТ кадарот во последните три години е зголемена за 300 проценти, така што Влдата е неконкурентна во однос на ИТ компаниите кои можат да си дозволат да исплаќаат плати и награди на овие професионалци. Тоа е сериозен проблем. А од друга страна, не може целото тоа работење да го оставите на надворешна компанија. Го знаеме проблемот и се обидуваме да најдеме решенија и убеден сум, дека ќе успееме во таа насока“, рече Димовски.

На онлајн настанот свои обраќања имаа и авторката на Индексот на отвореност на извршно ниво, Нада Наумивска, потоа Тони Ангеловски од Министерството за внатрешни работи, Гордана Гапиќ – Димитровска од Министерството за информатичко општество, Мемет Мемети, автор на Индексот на отвореност на локално ниво. На темата дискутираше и Душица Перишиќ извршната директорка на ЗЕЛС, како и Глигорије Џилвиџиев, помлад соработник во одделението за ЛЕР во општина Валандово.

Проценката на извршно ниво е достапна овде, а проценката на локално ниво е достапна овде. Повеќе информации за работата на Метаморфозис, има на веб-страницата на фондацијата.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матурантите добија „тројка“ на државната матура

Просечната оценка која ја постигнаа средношколците на државната матура годинава е 3.25, што е помалку од минатата и од предминатата година, соопшто МОН. Во 2023 година просечната оценка беше 3.65,...