fbpx

Украина повторно наклеветена за тероризам

Украина е клеветена и за напади врз цркви и синагога во руската автономна република Дагестан, а ваквото префрлање на вина врз Украина му здодеа дури и на нејзиниот голем противник, бившиот вицепремиер на Русија и директор на Роскосмос, Димитриј Рогозин, пишува Вистиномер

-

Русија 10 години врши агресија врз Украина и уште ја клеветеше за терористичкиот напад врз салата Крокус, иако одговорноста ја презедоа исламистите, а сега ја клевети и за ракетен напад врз плажата во Севастопол на Крим, иако рускиот окупациски гувернер на градот призна дека врз плажата паднала соборена ракета, чија цел била друго место. Украина е клеветена и за напади врз цркви и синагога во руската автономна република Дагестан, а ваквото префрлање на вина врз Украина му здодеа дури и на нејзиниот голем противник, бившиот вицепремиер на Русија и директор на Роскосмос, Димитриј Рогозин, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме интегрално:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук ги изнесува следниве клевети:

Украинците вчера извршија терористички напад. Украински ракетен напад на рекреативна плажа на Крим и терористички напад врз црква во Дербент.

Околу првата клевета. Точно е дека на 23.6.2024 г., Украина изврши напад со пет ракети врз Севастопол на Крим, што веќе одамна го прави како одговор на руската агресија, а за жал, притоа на плажата Учкуевка загинале 4 лица и 153 биле повредени. Но, истиот ден, во 11:23 ч., најмоќниот руски медиум ТАСС ја пренел следнава изјава на рускиот окупациски гувернер на Севастопол, инаку дојден од Сибир, Михаил Развожаев:

Одбивањето на ракетниот напад е завршено. Според информациите, 5 воздушни цели се уништени на небото над акваторијата. Но фрагменти од погодените цели паднаа во крајбрежната зона.

Во 13:01 часот, ТАСС објавиле подетален извештај за настанот, во кој се додава и следново:

Средствата на ПВО соборија четири ракети АТАКМС, а уште една ракета во текот на одбивањето на нападот се измрда од траекторијата на летот и експлодира над градот.

Јасно е дека инцидентот се случил заради лошата работа на руската противвоздушна одбрана (ПВО), што не е првпат, при што таа погодила една од ракетите, пренасочувајќи ја со тоа накај плажата, за на крај ракетата да експлодира и да расфрли свои фрагменти.

Но плажата не била планираната цел на тој напад. Украина не би трошела ракети од милиони долари, кои едвај ги доби од САД, за да убие 4 капачи на плажа и тоа на своја територија. И без намера да ја омаловажиме нивната трагедија, мора да се каже дека среде нив имало туристи од Русија, а на летен одмор не смее да се оди во воена зона.

Во врска со тоа, украинскиот политичар Михаил Подољак изјави:

Во Крим нема и не може да има никакви „плажи“, „туристички зони“ и други фиктивни признаци на „мирен живот“. Крим – тоа е безусловно окупиран од страна на Русија, туѓа територија каде што се водат борбени дејствија, во тек е вистинска војна. Тоа е истата онаа војна која ја започна Русија со геноцидни и заграбувачки цели.

Крим – тоа е исто така голема воена база и складиште, со стотици воени цели, кои Русите цинично се обидуваат да ги маскираат и да ги прикриваат со сопствените граѓани, кои на некој начин, се цивилни окупатори.

Наместо да признае дека води војна и да ја објави, Русија тоа го крие зад еуфемизмот „специјална воена операција“ и не воведува воена состојба, туку кани свои туристи и доселеници на Крим, изложувајќи ги на ризик, а тие и самите покажуваат неодговорност. На плажата загина 9-годишната ќерка на вицеградоначалникот на Магадан, Олег Аверјанов. Магадан е град на пацифичкиот брег на Русија, на 7.000 км од Севастопол, а Аверјанов немал добра причина да доаѓа таму и да одмора во воена зона. А во таква зона, особено под власт на суперсила како Русија, мора да има сирени и скривници, но каде биле тие – не е јасно. Туристите пострадаа заради војната на Путин и неговото, па и нивното глумење дека неа ја нема, а така е и во објавата што ја рецензираме, која споменува и рекреација, туризам, спортски настани и други нешта на кои среде војна не им е местото.

Севастопол е седиште на руската Црноморска флота и аеродромот Белбек, кои веројатно биле вистинска цел на нападот, но руските медиуми без никаков доказ тврдат дека Украинците свесно гаѓале цивилни цели. Според Русите, ракетата, која тие несакајќи ја пренасочиле кон плажата, секако летала кон цивилна цел, но која – тие не наведуваат.

Украина не врши терористички акции против Русија, туку Русија започна агресија врз Украина и тоа е вистинскиот тероризам во приказнава. Затоа, Украина уништува руски цели како на окупираните територии, така и во Русија, но бројот на цивилни жртви притоа е мал, а се гаѓаат: рафинерии, аеродроми, пристаништа, складишта и фабрики за оружје.

Околу втората клевета. Точно е дека на 23.6.2024 г. терористички напади се случија во гр. Махачкала и Дербент во Дагестан, а пратеникот од таа автономна република на Руската Федерација, Абдулхаким Гаџиев, за тоа ја обвини Украина, но не понуди никаков доказ.

Вечното префрлање на вина врз Украина му здодеа дури и на нејзиниот голем противник Димитриј Рогозин, порано вицепремиер на Русија, нејзин претставник при НАТО и директор на компанијата за космички истражувања Роскосмос. Тој дури зеде симболично учество во војната во Украина и беше ранет при напад врз Донецк, а сега е сенатор за Запорошката област, која Русија ја анектираше. На зборовите на Гаџиев, тој одговори:

Јас мислам дека ако секој терористички напад заснован врз национална и религиозна нетрпеливост, омраза и русофобија го припишеме на махинации на Украина и НАТО, тогаш тој розов облак ќе нè доведе до големи проблеми. Во туѓото око ја гледаме раската, но не ја гледаме гредата во своето. А време е да ја видиме.

Дагестан е кризно жариште од 1999 г., кога Русите таму војувале против исламистите од соседна Чеченија (а таков бил и порано, кога се борел за слобода од Руската Империја). Руските власти претпоставуваат дека извршителите на последниве напади се исто така исламисти, а среде нив бил синот на Магомед Омаров, политичар од Дагестан од партијата на Путин, но наводно бил и Гаџимурад Кагиров, познат по боречките спортови. Украинци притоа не се споменати, а оценката на Гаџиев не е општоприфатена низ Русија.

Земајќи го предвид сето досега наведено, сметаме дека објавата што ја рецензираме е со пропуштен контекст.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Носталгија по диктатори: Хусеин, Гадафи и Асад

Чест наратив на Кремљ е дека ирачкиот лидер Хусеин, либискиот Гадафи и сирискиот Асад биле големи патриоти и имале добри социјални политики, но дека биле жртви на американскиот империјализам,...