Министерството за образование и наука (МОН) во моментов ги консултира наставниците дали да има само електронски дневник или да се врати и хартиениот од идната учебна година. Ова синоќа го изјави министерката Весна Јаневска во гостувањето на Телевизија Сител.
Според неа, МОН ќе постапи според изјаснувањето на наставниците, но смета дека треба да има „некоја скратена, печатена форма на дневник за евиденција“.
„Пред неколку дена заврши проектот за изготвување нов електронски дневник и тој сега е на располагање на МОН. Разбрав дека истиот има добра заштита, за да не може да се бришат оценки и изостаноци. Но ние спроведуваме анкета меѓу наставниците дали сакаат само електронски или и хартиен дневник. Како ќе се изјаснат така и ќе постапиме, но мое мислење е дека сепак, треба да има и некоја скратена, печатена форма на дневник за евиденција“, рече Јаневска.
Министерката искажа и уверување дека институцијата ќе направи напори за да овозможи платите постепено да растат, а за до крајот на мандатот најави потпишување нов колективен договор за основно и средно образование.
Јаневска рече дека со Синдикатот за образование, наука и култура веќе разговарала за можностите за унапредување на статусот на наставниците и за обезбедување на повисоки плати.