Проектот „m.Health” е победник на Хакатонот „Е-Здравство” на ФИТР и РОШ Македонија

Фото: ФИТР

Проектот „m.Health” понуди најиновативно и најкреативно решение за подобро управување со здравствениот систем, во рамките на првиот хакатон „Е-Здравство”, кој се одржа минатиот викенд во организација на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и РОШ Македонија, а во соработка со Министерството за здравство. На хакатонот, 11 проектни тимови под менторство на експерти од здравството работеа на развој на дигитално решение заподобар здравствен систем во земјата, соопштија од ФИТР. Овој победнички проект добива финансиска поддршка од 30 илјади евра за реализација на решението кое ќе биде целосно и бесплатно достапно за сите граѓани во текот на следната година.

„Имавме навистина напорни, но многу продуктивни 48 часа исполнети со интензивна работа со членовите на мојот тим, Софија Христова и Драган Соколовски. На самиот е-хакатон имаше многу добри идеи и би сакал да ги охрабрам сите тимови да продолжат со работата за развивање на решенија за електронско здравство“, изјави Кирил Солески, тим лидер на победничкиот проект „m.Health”. Тој додаде дека овој проект се издвои со својата сеопфатност бидејќи претставува паметна, иновативна платформа за интегрирање и унапредување на здравствените усуги, кој ќе овоможи поголема ефикасност и достапност до услугите, подобро следење на пациентите, развивање на здрави навики и информираност.

„Дигитализирањето на процесите во здравството е реална потреба за да имаме современо и квалитетно здравство. Хакатоните се одлична можност за поттикнување на иновации и се надевам дека ваквите соработки ќе ги охрабрат и другите компании од корпоративниот сектор да се вклучат и да покренат слични иницијативи во иднина“, изјави Ивана Станковиќ, советник во ФИТР и дел од организацискиот тим на хакатонот.

„Победничкото решение верувам дека ќе биде од голема корист за здравствениот сектор, за Министерството за здравство и Мој Термин. Овој е прв, но не и последен хакатон посветен за унапредување на еден од најважните столбови во секоја држава – јавното здравје. И во следниот период продолжуваме да вложуваме и развиваме иновативни платформи“, изјави Александра Ивановска, директорка на РОШ Македонија.

Јавниот повик „Е-Здравство” на ФИТР и Рош Македонија, беше отворен од 2 до 17 јуни и на него, освен трговски друштва, можност имаа да се пријават и физички лица во проектни тимови. Комисијата за оценување и избор направи претселекција на апликантите кои преминаа во следната фаза, а тоа е 48 часовен Хакатон „Е-Здравство”. Во финалниот дел проектните тимови ги презентираа решенијата пред Комисијата која ја донесе конечната одлука за избор на најиновативно е-решение од областа на здравството.