ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и денеска преку партиски соопштенија се препукуваат во врска со Комисијата за заштита од заразни болести, но на штета на граѓаните бидејќи корона вирусот се шири со голема брзина, а гласањето за мерките за заштита во Собранието се одлоговлече до 27 октомври.

За опозициската партија, Комисијата нема кредибилитет и не може да се справи со корона кризата, и затоа бара формирање на нова Специјална комисија.

„Комисијата за заштита од заразни болести потфрли и од првично најавуваните 2.000 заболени за цела пандемија, сега имаме 2.000 за само една недела. Комисијата за заштита од заразни болести е главниот виновник за високиот број на заразени и починати. Комисијата наместо стручност демострираше политика. Токму затоа е потребно формирање на Специјална комисија која ќе биде составена од професионалци, експерти во своите области кои здравјето и интересот на граѓаните ќе ги стават пред лично партиските интереси на партијата на власт,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак ги обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека го доведува во опасност здравјето на сите граѓани.

„Од почетокот на корона кризата во земјата, од ВМРО-ДПМНЕ не видовме ништо друго освен неконструктивно делување, опструкции и критики, но сега со одолговлекување на донесувањето на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, а со тоа и новите мерки за превенција од понатамошното ширење на коронавирусот, опозицијата го покажа и своето нехумано лице и за дневно-политички поени, на коцка го става здравјето на сите граѓани,“ велат од таму.

Од партијата додаваат дека „колку се неодговорни и несериозни покажуваат со тоа што во Собранието побараа одлагање на точката за измена на Законот за заштита на населението од заразни болести за да се вметнат нивни предлози, и наместо тоа на крај да предложат сосема друго, формирање на паралелна специјална комисија за справување со ковид -9 па дури и формираа нивна комисија внатре во партијата.“

„Нивното барање за формирање на специјална Комисија е уште едно во низата деструктивни дејствувања на опозициската партија. Комисијата за заразни болести е составена од стручни, докажани професионалци во здравството и нема никаква потреба од формирање нова, паралелна комисија,“ сметаат од СДСМ.

Измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, треба да бидат на дневен ред на следната собраниска седница на 27 октомври, кога се очекува на работа да се вратат и двајцата пратеници позитивни на ковид-19 од мнозинството, Лазе Танески и Исмаил Јахоски.

Бројот на заразени со ковид-19 секојдневно се зголемува и вчера достигна рекордни 641 новозаболени. Инфектвините одделенија во поголемите болници низ градовите се преполни со пациенти и нема место за згрижување, а од вчера се полни и модуларната болница. Здравствените власти апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките, да им помогнат на здравствените работници бидејќи состојбата е загржувачка.