fbpx

Пристигна првата група од 149 авганистански граѓани, главно членови на меѓународни организации

-

Првата група од 149 граѓани од Авганистан доцна синоќа пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје. Веднаш по слетувањето на авионот од Тбилиси, бремена жена со нејзиниот сопруг и дете со возило на итна помош беа пренесени на Гинеколошката клиника во Скопје за контрола, додека со друго возило беше спроведено лице кое доживеало колапс.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи кој ги пречека граѓаните на Авганистан на аеродромот во Скопје, рече дека станува збор за вработени или соработници на меѓународната организација „Отворено Владино Партнерство“ (Open Government Partnership – OGP) каде што Северна Македонија е официјално членка, како и лица кои биле вработени или соработници на други меѓународни или невладини организации, заедно со нивните семејства, со нивните сопруги, сопрузи, мажи, жени и деца.

„Со овие луѓе делиме заеднички вредности за слобода, за демократија, за мир и за еднаквост. За жал, не по нивна волја, на овие луѓе денес, но и на нивните семејства им е загрозена безбедноста, загрозени им се нивните животи, и затоа ние одлучивме да им помогнеме сега, денес, веднаш – т.е. кога им е најмногу потребно“, потенцираше министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тој информираше дека во рамките на Владата е формирана работна група за прифаќање на овие граѓани, каде партиципираат сите надлежни ресори и институции и дека целата операција на прифаќање на граѓаните од Авганистан се спроведува во блиска координација со нашите сојузници, пред сѐ со американската амбасада, но и меѓународните организации.

Министерот Османи додаде дека во рамки на договорите кои се постигнати, трошоците за сместување ги покриваат овдешните ограноци на организациите од каде потекнуваат и со кои соработувале овие граѓани во Авганистан, и дека соодветно на одлуката и задолженијата на Владата, Министерството за внатрешни работи веднаш почнува процедура за да им се обезбеди привремен престој на овие граѓани.

„Да потсетам, веќе во наредните денови очекуваме да пристигнат и останатите групи граѓани, од првично одобрените 780 лица за кои веќе дадовме зелено светло. За сите евентуални барања, Владата и работната група ќе ги разгледува, па евентуалните одлуки ќе бидат соопштени“, нагласи министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Инаку, вчера вечер волонтерите на Црвениот Крст на Република Северна Македонија им врачија првичен пакет за секој од пристигнатите со храна, вода, средства за дезинфекција, по што следуваше потоа првична здравствена контрола и соодветна асистенција на оние на кои тоа им беше потребно, како и изработка на ПЦР тестови.

По повод пристигнувањето на авганистанските граѓани, ЦИВИЛ – Центарот за слобода денеска преку соопштение изрази целосна солидарност, сочувство и добредојде на граѓанките и граѓаните од Авганистан, вработени во граѓанскиот сектор, сојузничките мисии, медиумски и други организации и нивните семејства, кои пристигнаа во нашата земја.

„Овие мирољубиви граѓанки и граѓани на Авганистан беа принудени да ја напуштат нивната татковина под сериозни закани по нивните животи од страна на талибанскиот режим и терор. Наша должност како дел од едно демократско и хумано општество, а пред сè, како луѓе, е да им овозможиме на нашите колеги и сојузници во борбата за демократија и унапредување човековите права да се чувствуваат добредојдено и да ги поминат што е полесно можно овие тешки мигови за нив и нивните семејства“, посочија од ЦИВИЛ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...