Аплицирањето за Чивнинг стипендиите на Владата на Обединетото Кралство трае до 2 ноември

Во периодот од 3 август до 2 ноември 2021 година, Чивнинг секретаријатот прифаќа апликации за стипендии на дипломирани студенти од земјава, кои во учебната 2022/2023 година планираат да го продлабочат високото образование со едно годишни магистерски студии во Обединетото Кралство. Пријавувањето е на www.chevening.org/apply, информираат од Британската амбасада во Скопје.

„Чивнинг стипендиите им се доделуваат на лица кои ќе покажат посветеност и вештини потребни за создавање позитивни промени и притоа ќе покажат како магистратурата во Обединетото Кралство им помогнала во тоа. Стипендијата овозможува целосна финансиска поддршка за идните лидери да се образуваат на едно годишни магистерски студии на било кој универзитет во Обединетото Кралство и притоа овозможува да се стекнете со ексклузивни академски, професионални и културолошки искуства“, објаснуваат од амбасадата.

Откако програмата беше креирана во 1983 година, преку 50.000 професионалци ја добија можноста да се развиваат во Обединетото Кралство преку Чивнинг. За учебната година 2022/2023 на глобално ниво ќе се доделат над 1.500 Чивнинг стипендии, покажувајќи ја посветеноста на Владата на Обединетото Кралство во креирање на идни лидери.

„Како што светот продолжува да се справува со глобалните предизвици како Ковид-19 и климатските промени, меѓународната соработка е повеќе од потребна. Чивнинг се стреми да изгради меѓународна заедница на луѓе посветени на овие вредности, кои се стремат за позитивни промени. Ние ги зближуваме овие неверојатни лица од целиот свет и им овозможуваме по пат на  едукација да ги остварат своите цели“, вели Наоми Рејнер, одговорна за стипендии во британското Министерство за надворешни работи, комонвелт и развој.

Повикот за нови апликанти за учебната 2022/2023 година следи по изборот на седум стипендисти од Република Северна Македонија, кои добија стипендија за магистратура на универзитет во Обединетото Кралство оваа година. Избраните кандидати ги споделуваат своите приказни преку #ChosenForChevening хаштагот на Twitter Instagram и Facebook.

„Чивнинг искуството е многу повеќе од магистратура. Како академски предизвик и исполнето универзитетско искуство, така и сплотувањето во британската култура заедно со соученици од целиот свет. Ние организираме ексклузивна програма на настани и активности, за да се запознаете со британското наследство и историја, дискутираме на тема меѓународна политика и имаме интеракција со лидери на бројни академски, културни и социјални настани. Претходно, стипендистите имаа можност да ја посетат резиденцијата на британскиот премиер во неговиот кабинет – 10 Даунинг, да се искачат на планината Сноудон во Велс, да посетат изложби во галерии во Лондон, да го посетат ББС и да седнат во гардеробата во Анфилд“, вели Данкан Баркер, Директор на Чивнинг секретаријатот:

Баркер во изјавата додава дека Чивнинг стипендијата трае една година, но стипендистите доживотно ќе бидат дел од Чивнинг заедницата.

Рејчел Галовеј, британската амбасадорка во Република Северна Македонија вели дека алумни мрежата на Чивнинг е полна со динамични луѓе кои го споделуваат искуството што вие ќе го доживеете. Тие ќе овозможат охрабрување, менторство, совети и контакти.

„Голема е придобивката од поднесувањето на апликацијата, затоа ако го поседуваш она што треба за да бидеш Чивнинг стипендист, ве охрабрувам да аплицирате пред крајниот рок 2 Ноември“, вели британската амбасадорка Галовеј.

Сите заинтересирани апликанти можат да добијат детални информации за критериумите за аплицирање на веб-страницата www.chevening.org/scholarships.

Чивнинг стипендиите се дел од глобалната програма на британската Влада за стипендирање финансирана од Министерството за надворешни работи, комонвелт и развој. Стипендиите поддржуваат студирање на британски универзитет за едногодишни магистерски студии и индивидуалци кои покажуваат потенцијал да станат идни лидери, носители на одлуки, и креатори на мислење.