Фото: Исечок од видеото

Во видеото споделено во постот што го рецензираме не е прикажан телевизиски прилог во кој Фокс њуз известува за гласачки ливчиња кои биле дел од операција за изборна измама. Ниту пак, во прилогот се известува дека Бајден се апси и приведува и дека како измамници ќе живеат во наредните денови во Гвантанамо и дека ќе се соочат со воен суд. Сето тоа се цитати од интернет кои Вирџинија Томас, сопруга на судијата од Врховниот Суд на САД, Кларенс Томас, преку смс пораки му ги праќала на шефот на кабинетот на Белата Куќа, Марк Медоус во 2020 година. Содржината во пораките е конспиративна, на линија на теоријата на заговор што ја поддржуваат следбениците на Кју анон. Њујорк Тајмс има опсежно известување за тоа дека жената на судија во Врховниот суд на САД, верува во Кју анон теоријата на заговор, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост.

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

„2020 FOX NEWS 
Гласачките ливчиња се дел од воената операција Стинг. 
Фамилијата на криминалот Бајден и други се апсат и приведуваат! 
Измамниците во наредните денови ќе живеат во GITMO и ќе се соочат со воени трибунали! 
СЕТО ОВА ОДИ ВО ИЗВЕСТУВАЊЕ ПОД ЕКРАНОТ! 
ОВА Е ТОЧНО на крајот на 4-тата недела за која зборуваше претседателот Трамп!“

Видеото во постот што го рецензираме е дел од прилог на Фокс Њуз и не се однесува на тоа дека Џо Бајден се апси и приведува, дека гласачките ливчиња од изборите се предмет на воена операција, ниту пак, дека како измамници ќе живеат во Гвантанамо и ќе се соочат со воени трибунали. Фрагментот од прилогот на Фокс Њуз, манипулативно прикажан во видеото (на начин што е скратен воведот од оригиналниот прилог за да не се види контекстот на известувањето), се однесува на скандалозните теории на заговор во кои верувала Вирџинија Томас, (сопруга на судијата од Врховниот Суд на САД, Кларенс Томас) и кои преку СМС пораки му ги праќала  на шефот на кабинетот на Белата Куќа, Марк Медоус во 2020 година, притискајќи го да продолжи со напорите за поништување на претседателските избори во САД. Во критичните недели по гласањето, Вирџинија Томас му испратила  серија СМС пораки на тогашниот шеф на кабинетот на Белата Куќа Медоус. Во  Вашингтон пост ги добиле копиите од таа коресподенција, а во видеото на Фокс њуз кое е презентирано во постот што го рецензираме, тие само се читаат во етерот за да се информира јавноста во какви конспирации верувала во тоа време жената на судија во Врховниот суд на САД и истите  ги праќала преку смс пораки на близок човек на Трамп.

На самиот екран од прилогот на Фокс њуз, во горниот дел пишува:

СМС пораките на Вирџинија Томас упатени кон Марк Медоус.

Потоа се гледа логото на Вашингтон Пост, затоа што токму овој медиум беше тој што ги доби копиите од смс пораките на Вирџинија Томас кон Марк Медоус. Во долниот дел на екранот пак, пишува дека датумот е 24 март, емисијата на Фокс Њуз се вика Спин Сајкл, а дека новинарите на Вашингтон Пост кои ја објавуваат сторијата (која само се презентира на Фокс Њуз) се Боб Вудвард и Роберт Коста.

Вистиномер го пронајде оригиналниот напис на Вашингтон Пост, потпишан од новинарите Боб Вудвард и Роберт Коста, објавен на 24 март 2022 година. Истиот може да го прочитате на следниот линк.

Написот на Вашингтон Пост гласи:

Вирџинија Томас го повикала шефот на Белата куќа да продолжи со незапирливите напори за поништување на изборите во 2020 година, покажуваат СМС пораките

Потоа во написот на Вашингтон пост се вели дека во пораките до Марк Медоус, (во неделите по денот на изборите), сопругата на судијата во Врховниот Суд, Кларенс Томас, ја нарекла победата на Бајден „најголемиот грабеж во историјата“ и му пренела на Медоус дека претседателот Трамп не треба да ја признае. Во текстот на Вашингтон пост се вели дека редакцијата дошла до вкупно 29 пораки кои Вирџинија Томас му ги пратила на Медоус во периодот кога Трамп и неговите сојузници ветија дека ќе одат пред Врховниот суд во обид да ги негираат изборните резултати. На 10 ноември, откако медиумите го проектираа победникот Џо Бајден врз основа на вкупните гласови во државите, Томас му напишала на Медоус:

Помогни му на овој голем претседател да биде цврст Марк!!! Ти си лидерот, заедно со него, кој се залага за уставно управување на Америка во пропаст. Повеќето луѓе знаат дека Бајден и левицата се обидуваат да го спроведат најголемиот грабеж во нашата историја.

СМС пораките за првпат покажуваат дека Вирџинија Томас имала пристап до блискиот круг на Трамп за да промовира и да го наведува Трамп да се залага за поништување на изборните резултати. Исто така СМС пораките покажуваат колку рецептивен и благодарен во тоа време бил Медоус за нејзините совети.

Томас му испратила и видео на Медоус, коешто веќе не е достапно на Јутјуб, и му напишала:

 

Се надевам дека ова е вистина, претходно не сум слушнала вакво нешто. Дали е можно? Дека имало гласачки ливчиња со воден печат во 12 држави и дека тие биле дел од голема операција на Трамп и белата капа за ловење (на крадени гласови н.з.) во 12 клучни држави во САД.

Токму овој дел од нејзината порака се чита на екранот во видеото од постот што го рецензираме. Во тоа време приврзаниците на теоријата на заговор Кјуанон, ширеа лаги дека Трамп ставил воден печат на гласачки ливчиња, за да може да следи потенцијална измама.

Сопругата на судијата во Врховниот суд, продолжила во СМС пораките до Медоус да цитира такви конспирациски пасуси што ги читала на интернет:

Бајден со неговите криминалци и содружници во изборна измама (избрани функционери, бирократи, цензори на социјалните мрежи, лажни репортери) се уапсени и задржани за изборна измама во моментов и во наредните денови и ќе живеат во Гвантанамо за да се соочат со воени трибунали.

И оваа конкретна порака е цитирана во видеото од постот што го рецензираме.

Значи, во видеото во постот не е споделен телевизиски прилог во кој на Фокс њуз се известува за гласачки ливчиња кои биле дел од операција за изборна измама. Ниту пак, во прилогот се известува дека Бајден се апси и приведува и дека како измамници ќе живеат во наредните денови во Гвантанамо, плус и дека ќе се соочат со воени трибунали. Сето тоа се цитати од СМС пораки коишто Томас му ги праќала на Медоус, а ги читала на интернет. Содржината во пораките е теорија на заговор којашто ја поддржуваат следбениците на Кју анон. Њујорк Тајмс има опсежно известување за тоа дека жената на судија во Врховниот суд на САД, верува во Кју анон теоријата на заговор.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.