По повод 74-годишнината од почетокот на народното востание, изутрината делегации на Собранието на Република Македонија, АРМ, Владата, Сојузот на борците, локалната самоуправа, политички партии, на здруженија и граѓани ги посетија Паркот на револуцијата, Могилата на непобедените, Алејата на народните херои, Споменикот на жената-борец, положија цвеќиња и се поклонија пред моштите на жртвите што ги дал Прилеп во Народната револуција и антифашистичката борба.

Со почит за борците, хероите и за жртвите, прилепскиот градоначалник Марјан Ристески нагласи дека на овој светол ден од македонската национална историја гордост е да се биде прилепчанец, зашто од Прилеп почна ослободителното востание, а заветот на борците од НОБ е аманет.

– Гордост е да се биде прилепчанец и Македонец на овој светол ден, зашто токму на 11 октомври пред 74 години пукна првата пушка, почна антифашистичката борба. Прилеп беше прогласен за град-херој со најмногу народни херои и загинати во оваа антифашистичка револуција. Борбата на сегашните и идни генерации продолжува да ги претвориме Македонија и Прилеп во попросперитетни со нови инвестиции за подобар живот за сите граѓани. Македонија да биде дел од европското семејство – изјави Ристески.

Илија Велкоски од Сојузот на борците потсети дека Прилеп дал 650 жртви и 15 народни херои како ниеден град и беше срцето на народната револуција.

– За време на револуцијата 1941-1945 година, Македонија даде преку 25.000 жртви, што значи скапо ја плати сопствената слобода. Прилеп е носител на револуцијата со повеќе од 8.000 директни учесници, што значи од секоја куќа имаше по еден учесник во НОБ. Градот даде 650 жртви, 141 носител на партизанска споменица од 1941 година и 15 народни херои, како ниеден град од поранешна Југославија. Прилеп го даде срцето на револуцијата – рече Велкоски.

За министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков, кој ја предводеше владината делегација, Македонија по вековни борби, по народното востание од 1941 година, стигна до своја држава.

– Ми претставува голема чест што денеска ја предводев владината делегација за оддавање почит на паднатите борци кои ги удрија темелите на денешна Македонија. Драго ми е што по вековни борби успеавме да направиме држава, треба да продолжиме да се бориме да ја зачуваме оваа држава, да ја направиме просперитетна и да биде дел од Европа и од НАТО – изјави Цветков.