fbpx

Делови од Охрид под вода

-

Изминатото деноноќие во Охрид наврнале повеќе од 90 литри дожд на едн квадратен метар. Многу улици и куќи се поплавени, водата од подрумите се црпи со пумпи.

Најмногу поплавени куќи има во населбата Далјан, потоа на улиците Стив Наумов, Абас Емин, Дејан Војвода, каде проблемот се јавува при секои обилни врнежи.

Градоначалникот Никола Бакрачески ги посети поплавените реони, а во моментов заседава општинскиот штаб за заштита и за спасување, на кој се разговара за преземањето итни мерки по настанатите поплави.

Во работата на ова тело учествуваат и градоначалникот Бакрачески, заедно со министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Градоначалникот Бакрачески вели дека се забележани сериозни последици на неколку локации.

– На булеварот Железничка има повеќе поплавени куќи кои се веднаш под патот. Поплавите се поради обилните дождови, ниската положба на земјиштето, како и малиот капацитет на одводните канали што ја дренираат водата од поголемите канали кај реките Грашница и Далјан. Екипи на јавните претпријатија по првите дојави се на терен и работаат на отстранување на проблемите – информираше Бакрачески.

Жителите од поплавените домови со пумпи во текот на целата ноќ и попладнево се обидуваат да ја отстранат надојдената вода од своите дворови и куќи.

– Во неколку куќи има вода, оштетена е покуќнина, со пумпи се влече вода, но тоа не е решение, проблемот треба трајно да се реши. Веќе 20 години е исто, од кога го направија патот, се надевам дека конечно ќе се реши. Со чизми излегуваме од дома, во некои куќи има по 40 сантиметри вода – вели Јусуф Хоџа, жител на Железничка.

Големото невреме предизвика поголеми одрони од камења и свлечишта има во Велгошти, каде кај основното училиште е наведнат и потпорен ѕид и е оштетена бандера, поради што има опасност од прекин на електрична енергија. Одрони и наноси од камења има и на патот Охрид – Св. Наум, на потегот од хотел „Метропол“ до Пештани, кај населбата Елешец и во Пештани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...