Претседателот Стево Пендаровски подарува дрес на македонската фудбалска репрезентација на папата Франциски. 287 мај 2021. Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

На денешната аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, претседателот Стево Пендаровски на Папата Франциск му подарил дрес од македонската фудбалска репрезентација, објави шефот на македонската држава на својата официјална Фејсбук-страница.

Според објавата за денешната аудиенција, првиот човек на државата вели дека е потврдено искреното пријателство и длабоките врски меѓу Светата Столица и Република Северна Македонија.

„Добивме поддршка и благослов да продолжиме посветено да работиме за мир, среќа и благосостојба на сите наши граѓани. Врз темелите на бесмртното дело на Светите Кирил и Методиј, со заштитниците на Европа и понатаму ревносно да градиме заедничка просперитетна иднина“, напиша Пендаровски по средбата со папата Франциск.

Тој му заблагодарил на папата за историската посета на земјава во мај 2019 година, што претставува огромно признание за нас.

„Папата Франциск прв го добива најновиот дрес на македонската фудбалска репрезентација со неговото име испишано на кирилица. Ова е дресот со кој ќе настапат нашите најдобри фудбалери на претстојното #EURO2021. Нека донесе среќа, нови успеси и победи на претстојното европско првенство“, наведува Пендаровски на Фејсбук.

Претседателот Стево Пендаровски подарува дрес на македонската фудбалска репрезентација на папата Франциск. 27 мај 2021. Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Шефот на македонската држава Пендаровски го истакнал интересот за продлабочување на односите со Светата Столица, во сите сфери од заеднички интерес и го истакнал значењето на католичката заедница во Северна Македонија и нејзиниот придонес во нашето општество, се дознава од соопштението од претседателскиот кабинет.

Претседателот Пендаровски посочил и на значењето што нашата држава го придава на промовирањето на меѓурелигискиот дијалог и почитувањето на верските слободи.