Премиерот Ковачевски им посака среќа на учениците во новата учебна година

Фото: Фејсбук профил на премиерот Димитар Ковачевски

Верувајте во себе, бидете другари и помагајте им на кои не можат да постигнат сè сами, им порача премиерот Димитар Ковачевски на учениците кои денеска ја започнуваат новата учебна 2022/23 година.

„Драги првачиња, драги ученици, Пред вас е првиот училиштен ден од новата учебна година. Ви посакувам успешен почеток, да стекнете многу нови знаења и вештини и секако ви посакувам многу нови другарства кои ќе траат цел живот. Верувајте во себе, прашувајте, преиспитувајте, истражувајте и бидете креативни, бидејќи детството и младоста се периодот кои се клучни за понатамошниот личен развој. Бидете другари и помагајте им на оние кои не можат да постигнат сѐ сами“, рече Ковачевски во своето обраќање.

Тој на учениците им порача да веруваат во себе и во постигнатите резултати и никогаш да не се откажуваат од зацртаните цели и истакна дека образованието е една од најважните инвестиции во животот. Премиерот упати честитки и до родителите и старателите чии деца за првпат оваа учебна година седнуваат во училишните клупи во основните и средните училишта.

„Со вложувања и реформски процеси, ние како Влада интензивно работиме на подобрување на образовниот систем во Република Северна Македонија, со што обезбедуваме квалитетно и достапно образование за секое дете. Со вработување на образовни асистенти им даваме поддршка и вклучување во редовната настава на децата со посебни потреби. Градиме нови училишта ги реконструираме и модерно опремуваме веќе постоечките и го модернизираме нашето образование“, рече Ковачевски.

Честитајќи го почетокот на новата учебна година на наставниците премиерот истакна дека тие се клучот за квалитетно образование.

„Од вашиот ангажман, зависат постигнатите резултати кај учениците. Затоа бидете нивна поддршка, инспирација и поттик во создавањето на индивидуи кои утре ќе бидат движечката сила и умот на државата“, рече Ковачевски и додаде дека покрај покачувањето на платите кое е планирано од овој месец, следат и континуирани обуки за новите наставни програми затоа што вложувањето во образованието значи директна инвестиција во економскиот раст и просперитетот на Република Северна Македонија.

„Драги деца, родители и наставници останете во добро здравје и среќно на сите”, рече Ковачевски.