fbpx

Преку стари теории на заговор за „западните педофили“ се шират дезинформации за убиството на Вања

Не е точно дека Вања ја киднапирале некакви светски педофили и за да се прикрие тоа било соопштено дека девојчето е убиено. Безживотното тело на Вања беше пронајдено во селото Бразда на 03 декември, за што информираше и Јавното обвинителств

-

Објавата изобилува со добро познати теории на заговор, избегнувајќи ги притоа фактите и доказите за случајот со исчезнувањето и смртта на 14-годишната Вања, кои институциите ги презентираа во јавноста. Не е точно дека Вања ја киднапирале некакви светски педофили и за да се прикрие тоа било соопштено дека девојчето е убиено. Безживотното тело на Вања беше пронајдено во селото Бразда на 3 декември, за што информираше Јавното обвинителство. Осомничените за нејзиното грабнување и убиство се веќе притворени, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Објава на Фејсбук, користејќи ја добро позната теорија на заговор според која западните елити киднапираат деца за педофилски цели, ги измачуваат и потоа ги убиваат, шири дезинформации во врска со грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. Според објавата што ја анализираме, Вања наводно ја грабнале присутните на ОБСЕ Самитот кој се одржа во Скопје од 29 ноември до 1 декември годинава. Истовремено, од одговорност се изземаат осомничените за нејзиното убиство кои во моментов се во притвор.

Доаѓаат светски педофили во земјата, киднапираат девојче, по злосторството како кукавици бегаат (затоа што јавноста масовно се вклучи во потрагата), и после завршување на циркусот објавуваат дека е мртво девојчето. Официјален мотив: користољубие (лихварство)?! Ако се лихвари, зарем би имале корист по само три часа од киднапирањето да ја убијат, наместо да ја користат за уцена?Или е тој податок свесно изманипулиран за да не се поврзе со посетата на белосветските педофили? Затоа и Лавров ги нарече кукавици. За жал „цивилизираниот Запад“ е познат по овие практики. Постојат видеа/сведоштва од жртви на тие педофилски мрежи на елитни политичари, кои усепале да се спасат и кои раскажуваат низ какви грозотии поминале. Истите тие сведоштва кажуваат дека многу од децата на крај биваат и убиени. Познатиот филмски режисер Пасолини дури направи и филм на оваа тема, кој нормално долго време беше забранет, а самиот Пасолини беше убиен неколку недели по снимањето на филмот. Нека почиваат во мир жртвите и сочувство до семејствата, стои во објавата која ја анализираме.

Објавата шири една добро позната теорија на заговор за наводни западни педофилски елити кои киднапираат деца. Според оваа теорија, грабнувањето на деца е со цел нивно измачување и производство на адренохром кој западните елити го пијат за подмладување. Во целата оваа игра, поддржувачите на оваа теорија на заговор, како спасители ги гледаат поранешниот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Вистиномер за оваа теорија на заговор има пишувано во повеќе наврати.

Објавата што ја анализираме, тргнувајќи од оваа теорија на заговор, тврди дека „светски педофили доаѓаат во земјата (се мисли на учесниците на Самитот на ОБСЕ), киднапираат девојче, по злосторството како кукавици бегаат (затоа што јавноста масовно се вклучи во потрагата), и после завршување на циркусот објавуваат дека е мртво девојчето“.

Овие две работи едноставно не можат да се поврзат, бидејќи фактите говорат нешто друго. Имено, Самитот на ОБСЕ почна на 29 ноември годинава со неформална вечера во скопскиот хотел „Александар Палас“. Вања беше пријавена за исчезната два дена порано, на 27 ноември. Осомничени и притворени за грабнувањето и убиството на Вања се пет лица, од кои четворица се во притвор, а едно е во бегство во Турција каде е уапсено и ќе биде побарана негова екстрадиција. Овие лица ѝ се добро познати на полицијата и истите немаат никаква врска со некакви светски педофили кои дошле на ОБСЕ Самитот во Скопје. Тројца од нив го признале делото. За тоа како девојчето било грабнато и убиено соопштија министерот за внатрешни работи и скопскиот јавен обвинител на заедничка прес-конференција. Безживотното тело на Вања беше пронајдено во селото Бразда на 03 декември, за што информираше јавното обвинителство.

Објавата, исто така, тврди и дека за да се прикријат „белосветските педофили“, откако завршил Самитот на ОБСЕ било објавено дека девојчето е мртво. На социјалните мрежи деновиве се ширеа дезинформации дека полицијата знаела што се случило со Вања, но заради Самитот на ОБСЕ молчела. Вистиномер веќе пишуваше на оваа тема.

Објавата понатаму вели дека „постојат видеа/сведоштва од жртви на тие педофилски мрежи на елитни политичари, кои успеале да се спасат и кои раскажуваат низ какви грозотии поминале“, но не нуди доказ за тие сведоштва, туку само произволно ги нафрла. Како единствен доказ за тоа се посочува познатиот филмски режисер Пазолини кој „направи и филм на оваа тема, кој нормално долго време беше забранет, а самиот Пазолини беше убиен неколку недели по снимањето на филмот“.

Половина век по бруталното убиство на плажа на провокативниот италијански филмски режисер и поет Пјер Паоло Пазолини, неговата смрт останува мистерија. Италија на 5 март ја одбележа 100-годишнината од неговото раѓање. Како што пишува Франс 24, откако телото на Пазолини било пронајдено на 2 ноември 1975, прашањата кој е одговорен за неговот убиство и зошто, сè уште остануваат неодговорени.

Пазолини имал само 53 години кога починал, претепан со тупаници и стапови, а потоа прегазен од „алфа ромео ГТ“. Не се спомнува никаква поврзаност со некакви педофилски мрежи и сведоштва за нив со смртта на овој италијански режисер.

Од сето ова може да се заклучи дека објавата шири и дезинформации во врска со исчезнувањето и смртта на 14-годишната Вања од Скопје. Таа изобилува со добро познати теории на заговор, избегнувајќи ги фактите и доказите за случајот кои институциите ги презентираа во јавноста. Не е точно дека Вања ја киднапирале некакви светски педофили и за да се прикрие тоа било соопштено дека девојчето е убиено. Безживотното тело на Вања беше пронајдено во селото Бразда на 03 декември, за што информираше и Јавното обвинителство. Осомничените за нејзиното грабнување и убиство се веќе притворени. Според тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како неточна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...