По потпишувањето на договорот од Пржино, европските дипломати полека се отвораат. Ноќта била напорна, раскажуваат, а претставниците на европските институции употребиле „брутален“ јазик за да им стават до знаење на четворицата потписници дека „ова е крајна шанса“, вели дипломатски извор од една европска институција присутен на сите фази од преговорите.

Имплементацијата на она што се потпиша на 15 јули сега е од клучно значење, велат истите извори, додавајќи дека доколку не се почитува и не се спроведува договореното, „ќе им наложиме да сносат одговорност на брутален и недипломатски начин“, додава европскиот дипломат.

Доколку не се постигнеше договор на 15 јули, Европската комисија била подготвена јавно да го именува виновникот за пропаѓањето на преговорите, дознаваме од дипломатски извори.

– Ако си играат, самите себе ќе си наштетат, мора да бидат свесни за сериозноста на ситуацијата – вели дипломатот.

Имено, според Брисел, Македонија била на чекор од „целосно испаѓање од вагонот на ЕУ и на НАТО“, информираат бриселските извори. Тоа сè уште е можно ако договорот од 15 јули не биде целосно спроведен, предупредуваат дипломатите.

– Потребно е да видиме кредибилна имплементација на реформите за да се врати земјата на патот кон ЕУ и кон НАТО. Сите други присутни играчи беа јасни, и НАТО е во прашање – вели дипломатот.

Конкретно, тоа значи дека непочитувањето на договорот од Пржино ќе донесе повлекување на препораката за преговори со ЕУ и на кандидатурата во НАТО.

Со оглед на сè послабиот апетит на земјите-членки на ЕУ за понатамошно проширување на унијата, не е тешко да се претпостави дека тоа ќе се случи. Во спротивно, доколку сите страни се држат до договореното, дипломатите сметаат дека ќе биде полесно да се надмине и блокадата на Грција.

– Со решавањето на политичката криза и со враќањето на колосекот кон ЕУ, ќе биде многу потешко за Грција и за земјите што се кријат зад неа да блокираат почеток на преговори – предвидува нашиот соговорник.

За европските институции, овој договор „нема шанси да биде предмет на погрешна интерпретација и не е мени од кое партиите можат да избираат тоа што им се допаѓа“. Договорот има цел да етаблира нова техничка влада, Груевски да поднесе оставка, а власта да ја делат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Но, она што е екстремно важно за Брисел се реформите содржани во извештајот на Рајнхард Прибе, преку чие имплементирање државата ќе може да се „врати на колосекот од кој е излезена“, како што велат во Брисел.

– Целта на дилот е да се деполитизираат институциите, а правилото на оставка на владата 100 дена пред изборите ќе стане систематско решение – дообјаснува дипломатот.

Запрашан како Европската комисија може да гарантира дека договорот ќе се спроведува и ќе се почитува, тој одговори дека „одблиску ќе се надгледува процесот и ќе има неколку етапи за оцена“, како што е одржувањето на дијалогот на високо ниво во септември и, пред сè, годишниот извештај за напредокот на Македонија во октомври. Дотогаш треба да биде именуван специјалниот обвинител, а до 20 октомври треба да се назначуваат новите министри и заменици-министри. Другата гаранција за имплементација, според Брисел, е самата македонска јавност, која одблиску набљудува.

Коментирајќи го специјалниот обвинител и неговите задачи, европските дипломати прецизираат дека тој не треба да го замени постојниот јавен обвинител, туку е „нов дополнителен обвинител, кој ќе се занимава со прашањата што произлегуваат и се поврзани со прислушуваните материјали“. Нашиот извор не сакаше да потврди дека во ова спаѓа и аферата „Пуч“. „Обвинителот ќе има целосна автономија да ги води истрагите и нема рокови“, прецизираат дипломатите во Брисел.

На 24 април 2016 треба да се одржат изборите, како што предвидува договорот од Пржино. Тие ќе се одвиваат под надзор на ОДИХР, како и обично, и ќе претставуваат „излез од кризата преку консензус“. „Поделбата на власт не е долгорочна, ова ќе трае само до изборите“, прецизираат во Брисел.

– Овој договор е добар за двете страни и ги уништува опасностите што лебдеа над државата, земјата беше на раб на политичка нестабилност и имаше ризик да се дестабилизира целиот регион – вели дипломатот.

Европските дипломати признаваат дека „личните суети“ на политичарите одиграле улога во отежнувањето на процесот, но дека договорот се смета за „многу добар“. „Еден премиер од земја-членка, од иста партија како господинот Заев, дури ми рече: „Камо среќа јас да добиев ваков договор кога бевме во опозиција“, изјави европскиот дипломатот.
Неколкупати беше истакнато дека договорот бил „одличен за опозицијата“.

– Важно е сега да се создаде транспарентност и да се стави крај на инструментализацијата на министерствата во изборниот период – додаде нашиот извор.

„Она што го слушнавме од прислушуваните разговори се многу сериозни обвинувања и тие мора да добијат соодветен одговор“, сметаат во Брисел.

Иако сè уште далечно, светлото на крајот на тунелот на политичката криза полека се гледа. Но, сега настапува, веројатно, најделикатната фаза, во која македонските политичари вообичаено не се истакнуваат во позитивно светло, а тоа е имплементацијата на договореното. Повеќепати во минатото биле погазени договори или третирани како „тоалетна хартија“.

Брисел, велат дипломатите, е свесен за тоа и овојпат нема да дозволат никој „да си поигрува со договореното“.
На крајот на процесот, Брисел се надева дека македонската политика и државните институции ќе можат „да си го повратат легитимитетот“.

Т.М.