На продолжението на 12. седница, пратениците од власта и од опозицијата гласаа „за“ предлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници, како и за предлог-законот за изменување на Законот за издавање обврзници на Република Македонија за денационализација, и со тоа, овие закони поминаа на прво читање.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во однос на двата закони рече дека се добри за граѓаните и затоа, наспроти досегашната практика на опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе ги поддржат законите предложени од власта.
– Законот за издавање обврзници на Република Македонија за денационализација е значаен закон. Станува збор за продолжување на политиката почната од 2000 година и треба да се заврши процесот на денационализација. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата се горди на овој закон, бидејќи со денационализацијата се исправија големи неправди спрема илјадници семејства, на кои, на неправеден политички начин, им се оневозможи нормална егзистенција. Овој закон од 2002 до 2006 година се спроведуваше со забавено темпо, и по 2006 година неколку илјади предмети останаа незавршени. Доколку оваа власт одлучи постапката по нив да ја тера докрај, ние како опозиција нема да правиме опструкции – рече Димовски.
Тој очекува следната недела пратениците на СДСМ да ги поддржат законите на опозицијата за зголемување на платата во јавниот сектор, за обезбедување ваучери за набавка на компјутери и компјутерска опрема за студентите, како и за намалување на трошоците и каматите во постапките за извршување преку извршителите и нотарите.
Претходно, пред паузата на седницата, пратениците во Собранието со 61 глас „за“ го изгласаа предлогот за распишување оглас за именување нов државен јавен обвинител. За време на гласањето, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата.
По гласањето за точките 19 и 20, односно за овие два предлог-закони, претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека за продолжението на 12. седницата ќе информира дополнително.
Џафери, на крајот на денешното продолжение на 12. седница, на граѓаните им го честиташе утрешниот празник, Денот на независноста на Македонија.