Предавање за споделеното владеење денеска на Фестивалот за критичка култура КРИК

Во рамките на КРИК – фестивал за критичка култура, денеска со почеток во 19.30 часот провокативниот филозоф Петер Халвард ќе одржи онлајн-предавање насловено „Заедничка цел: Предизвикот на споделеното владеење“.

Предавањето ќе може да се следи на Facebook страницата на фестивалот или на Zoom на следниот линк.

По предавањето ќе следи разговор со Артан Садику, а и онлајн полемика отворена за сите кои ќе се приклучат на споделените линкови.

Петер Халвард е професор на Центарот за истражувања на модерната филозофија на Европа при Универзитетот Кингстон во Велика Британија. Во фокусот на неговите филозофски истражувања се филозофските системи на Жил Делез и Ален Бадју. Во релација со овие автори тој објавува неколку книги поврзани со постколонијалните референци.

Во мигов работи на својата книга насловена „Волјата на народот“ која треба да биде објавена во издание на „Версо“ во 2023 година. Воедно Халвард работи и на сет на теми кои се во релација со широката тема за политичката волја.

Халвард е и дел од уредувачкиот одбор на магазинот „Radical Philosophy“.

Докторирал на универзитетот Јеил при Катедрата за француски и афро-американски студии.

„КРИК 06“ оваа недела продолжува да го истражува јазолот на нашето време, причините за анксиозноста, и можните алтернативни формати на организирање на заедницата која ќе биде грижлива, праведна, солидарна и рамноправна.