Посебна комисија ќе одлучува дали ќе се повлече учебникот по социологија за втора година

Фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука информира дека е формирана Комисија за давање предлог за повлекување од употреба на одобрен учебник – учебникот Социологија за втора година, гимназиско образование. Во законски рок од 10 дена, Комисијата треба да го достави предлогот до министерот за образование и наука. Формирањето на комисијата следи по забелешките од јавноста, особено од стручната фела.

„Инклузивниот процес за подобрување на квалитетот на едукативните содржини и за елиминирање на дискриминација и стереотипи, е најефективен и затоа МОН овозможува јавноста да биде вклучена во процесот на отстранување на грешките од различна природа и несоодветните содржини во учебниците“, соопштуваат во МОН.

МОН креираше и е-mail адреса, [email protected] каде можат да се испраќат коментари и забелешки за учебниците што се во употреба.

„Во изминатиот период беа донесени неколку одлуки за повлекување на одобрени учебници, за кои имаше реакции. Со темелната реформа на образовниот систем, што предвидува изготвување на нови наставни програми, ќе бидат изработени и нови учебници и материјали за учење по сите предмети. Во тек е постапка за набавка на учебници по сите предмети од прво, второ, четврто и петто одделение, за кои се изготвени нови наставни програми, а согласно планот за реформирање на основното образование. Сите заедно треба да придонесеме во креирањето квалитетно образование“, наведено е во соопштението.

Инаку, станува збор за учебник во кој, во една од лекциите пишува: „Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела. Жената на тој начин е заштитена од многу комуникации, одговорности, ангажмани, натпревари, конфликти и е упатена да се грижи за семејството, а со тоа е помалку изложена на влијанието на криминогените фактори“.