Порталб: За време на пандемијата, децата со посебни потреби посетуваат три форми на настава

Фото: Annie Spratt на Unsplash

Во отсуство на дефектолози, кои според законот треба да ги има секое основно училиште, повеќето општини го компензираат ова преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Во услови на пандемија, учениците со посебни потреби го започнаа образовниот процес без проблеми, истовремено со другите ученици, и тоа на три начини, пишува Порталб.мк.

Во Општина Тетово од вкупно 12 основни училишта, вработени се само двајца дефектолози кои се реално дипломирани студенти од оваа област, а еден од нив ја одвива својата активност во вкупно 4 училишта.

За да се надомести ова, Општина Тетово во соработка со Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) испрати вкупно 29 специјални едукатори во овие основни училишта кои секојдневно работат со децата со посебни потреби.

Како се одвива образовниот процес за овие деца во услови на пандемија?

УНДП за децата со посебни потреби понуди три алтернативи за начинот на одвивање на образовниот процес, притоа децата да се под постојана грижа на личните асистенти ангажирани во соработка со општините:
• Со физичко присуство во училиштата од прво до трето одделение (каде што се присутни и едукаторот и ученикот)
• Преку интернет (оваа форма на настава се одвива со помош на родителите)
• Со физичко присуство во училиштата и за ученици со посебни потреби постари од трето одделение.

Од УНДП за Порталб.мк велат дека активноста на специјалните едукатори започна со почетокот на академската година за годинава, односно на 1 октомври и дека конкретно за општина Тетово се ангажирани 29 специјални едукатори.

„Во рамки на програмата во соработка со општините, во моментов преку Општина Тетово се ангажирани 29 невработени лица, како лични асистенти за образование на ученици со посебни потреби. Нивната активност започна на 1 октомври и се однесува на сите редовни ученици во образовниот процес. Во услови на пандемија со ковид-19, нивната активност се спроведува на два начина: Таму каде децата со посебни потреби можат да отидат на училиште со физичко присуство, услугата ќе им се обезбеди во училиштето каде што посетуваат настава, а ако овие ученици треба да посетуваат онлајн настава, тогаш тоа се прави во соработка со родителите на децата кои користат разни онлајн платформи или асистентите одат во домовите на учениците“, вели Ана Димовска Котевска од УНДП.

Истото го потврди и директорката на ОУ „Кирил и Методиј“ во Тетово, Сихана Каба Касами. Таа истакна дека нема дискриминација кон овие ученици и дека образовниот процес започна на 1 октомври, со физичко присуство со почитување на посебните мерки и протоколи.

„Во нашето училиште, децата од прво до трето одделение започнаа со физичко присуство, тука спаѓаат оние на кои им е потребен личен асистент, односно деца со посебни потреби и другите. Имаме еден со посебни потреби кој, иако е шесто одделение, неговиот личен асистент одржува предавања со него во посебна училница, каде што се само тие двајца. Тие ја започнаа наставата исто како и другите ученици и немаат наидено на никакви проблеми“, рече Сихана Каба Касами, директорка на „Кирил и Методиј“.

Инаку, пред една година Порталб.мк информираше за недостаток на дефектолози во основните училишта на Општина Тетово и од тогаш до денес ништо не е преземено во врска со ова, односно училиштата и понатаму немаат вработени дефектолози додека децата со посебни потреби не секогаш добиваат правилна настава од различни причини.