fbpx

Порталб: Тетово најголем должник меѓу општините, за три месеци долгот зголемен за 1,4 милиони евра [инфографик]

-

Едно од предизборните ветувања на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, беше токму намалувањето на општинскиот долг. Сепак, долгот, не само што не се намали, туку оваа општина веќе важи за најголем „должник“ од вкупно 80 општини во земјава, а за само три месеци, Општина Тетово го зголеми долгот за 1,4 милиони евра, пишува Порталб.мк.

Иако Општина Тетово не кажува кому му должи, наодите од истражувањето на „Scoop“ во соработка со Институтот за човекови права и медиум, покажуваат дека оваа општина е најголем должник од вкупно 80 општини во државата.

Во моментов, Општина Тетово има акумулирано долг од 9,4 милиони евра, следува Општина Охрид со 6,7 милиони евра,  а на трето место е Општина Карпош со долг од 5,2 милиони евра.

Новинарот на Порталб.мк, врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од Општина Тетово го побара списокот на компании или претпријатија на кои тетовските даночни обврзници им должат, со цел да бидат што е можно потранспарентни со граѓаните во однос на јавните долгови, но одговор сè уште нема.

Една од најголемите критики кон градоначалничката на Тетово кон нејзиниот претходник, поранешниот градоначалник на оваа општина, Сади Беџети, беше токму големото задолжување на општината.

Затоа, Теута Арифи во последното емисија на „Вистинска дебата“ (“Debat për nime”) за Порталб.мк и Kallxo.com вети дека за време на овој мандат, значително ќе се намали општинскиот долг за секоја година по 1 милион евра.

„Нашиот план е да го намалиме општинскиот долг за 1 милион евра секоја година“, рече Теута Арифи, во 2017 година.

Но тоа не се случи, напротив – долгот на Општина Тетово се зголеми од 8 милиони евра во 2013 година, на 9,4 милиони евра денес.

Она што се издвојува, според наодите од истражувањето на „Scoop“ во соработка со Институтот за човекови права и медиум, во рок од 3 месеци, Општина Тетово го зголеми долгот за вкупно 1,4 милиони евра.

Советниците на Општина Тетово добиле над 100 илјади евра паушал за 2019 година

Според едно истражување на Центарот за граѓански комуникации, за општинските советници на Општина Тетово во текот на 2019 година биле издвоени над 100.000 евра за нивните учества во месечните седници.

„За сите 31 советници и претседателот на Советот, од општинскиот буџет за 2019 година се издвоени 6.382.684 денари или 103.785 евра. Секој советник зел 16.993 денари за одржана седница, додека претседателот на Советот 22.092 денари. Во 2019 година, советот на општина Тетово одржа 13 седници. Веднаш по Тетово за износот на исплатените пари за паушали е Општина Боговиње со 3.373.284 денари за 19 советници на вкупно 14 одржани седници. Од општините на тетовскиот регион, најмалку пари од општинскиот буџет за ова земала општина Јегуновце, каде биле исплатени вкупно 2.104.788 денари или 34.224 илјади евра. На национално ниво, за 1.319 советници и претседатели на општински совети исплатени се 215 милиони денари или над 3,5 милиони евра. Најголеми паушали за советниците има во Град Скопје, кои изнесуваат 24.276 денари, додека паушалот за претседател на Советот е 31.559 денари“, стои во наодите на Центарот за граѓански комуникации.

Преоптоварувањето со работници стана „традиција“ во Општина Тетово

Не се само јавните претпријатија во Општина Тетово преоптоварени со вработени и постојано вработуваат нови, туку оваа општина го држи првото место во Северна Македонија по бројот на вработени. Таа има вкупно 420 вработени.

Сите овие вработени ги чинат граѓаните на Тетово 12 милиони денари секој месец. Тоа го потврди пред неколку дена и градоначалничката Теута Арифи, која рече дека „нема што да прави“, затоа што така ја наследила општината.

„Тетово е општина која има најмногу вработени во рамките на администрацијата, бројот на вработени не е зголемен многу, сега сме 420 лица, секој месец потпишувам близу 12 милиони денари за плати на работниците. Тоа е голем товар, но јас го имам наследено тоа, и мојата логика беше дека ако низ целата земја немало тенденција за административни намалувања или почеток на каков било процес со ЕУ, иако со тешкотии, ние ќе го задржиме тој број на вработени покрај високата цена. Тетово е општината која исплаќа најмногу плати на државно ниво“, рече Теута Арифи на ТВ21.

Инаку, три месеци две јавни претпријатија во Тетово добија заеми од милиони денари. Да потсетиме дека Јавното претпријатие „Тетово“ во септември доби заем од 26 милиони денари од локалните банки за исплата на вработените. Веднаш потоа, ЈП „Градски Паркинг“ побара кредит во висина од 6 милиони денари, при што во втор обид, успеа да ги обезбеди потребните гласови за земање на кредитот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Фотошопирана фотографија го претставува македонскиот јазик како бугарски

Фотографијата на која е прикажано македонското знаме, а до него за јазик пишува Bulgarian (Serbianized), е манипулација и ги измамува корисниците на социјалните мрежи. Фотографијата не е реална туку...