Она што досега можев да го видам од препораките и забелешките за новиот концепт за основно образование е страв. Нема нешто конкретно што засегнатите страни не го прифаќаат или нешто конкретно што предлагаат да се случи на поинаков начин, истакна денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска во изјава за медиумите по состанокот со претставниците на Управниот одбор на ЗЕЛС.
„Стравот од интеграцијата на предметите беше политички злоупотребен во даден момент дека одредени научни дисциплини се укинуваат, што е невистина. Сега како објаснуваме и разговараме, така тој страв се намалува“ изјави министерката.
Таа додаде дека во наредните две недели, ќе се одвиваат средби со физичко присуство со претставници на општините со цел територијална застапеност на тој начин што ќе има по еден наставник претставник, кој ќе треба да го собере мислењето од другите наставници на ниво на колектив. На крајот од овој процес се очекува јавна, формално-правна дебата во Собранието.
На новинарско прашање, Царовска не сакаше да ги коментира изјавите на професорката Јасна Котеска која на Твитер објави дека се планирало укинување на групата македонски јазик на Филолошкиот факултет. Министерката рече дека реформите во образованието не се поврзани со ниту едно надворешно политичко прашање.
Идната недела на 20 јануари истекува рокот за доставување коментари, предлози и сугестии за унапредување за нацрт верзијата на новиот концепт за основно образование, кои може да се достават на електронската адреса [email protected]
Концептот е достапен на македонски, албански, турски, босански и српски јазик на веб-страницата на Министерството за образование и наука.