Фото: Порталб.мк

По двата протеста на тетовските пожарникари и предупредувањето за порадикални протести доколку не бидат поканети на средба, тие вчера беа повикани на разговори во Општина Тетово, извести Порталб.мк.

Горан Ристевски, претседател на гранковиот синдикат при Независниот синдикат на државната администрација, по состанокот, за Порталб.мк рече дека градоначалничката Арифи ги прифатила сите нивни барања, меѓутоа, колку ќе се стои на тоа, останува да се види в понеделник, на седницата на Советот на општина Тетово, пишува Порталб.мк.

Ристевски рече дека сите четири нивни барања биле прифатени од градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

„Се договоривме разликите во проценти да се нивелираат согласно општиот колективен договор, како и да се додаде графа за работа после редовното работното време. Градоначалничката се согласи и даде збор дека ќе преземе мерки, во буџетот за 2021 година на општина Тетово да се утврдат сите предвидени обврски за додатоци за работа во ноќна смена, работа после работното време и да се плаќа и хранарина за работење во ноќна смена“, рече Ристевски за Порталб.мк.

Меѓутоа, имајќи предвид дека „прифаќањето“ на барањата од страна на градоначалничката беше само декларативно, без потпишување некаков документ, Ристевски вели дека имаат свои сомнежи околу можноста тие да не се реализираат.

„В понеделник има седница на Советот за буџетот на општина Тетово. Наскоро ќе се дознае дали дадениот збор ќе се одржи. Мислам дека понеделник е тој ден и се надевам дека работодавачот ќе ги исполни нашите барања. Мора да помине во советот, за да се овозможат средства за исплата, в понеделник ќе се знае дали ќе има протести или не“, додаде Ристевски.

Пожарникарите најавуваат протести доколку во општинскиот совет не се изгласат бараните додатоци.

„Координативното тело на синдикалната организација в понеделник ќе одлучи дали ќе се продолжи со протестите или не, сѐ ќе се знае по завршувањето на седницата на Советот“, рече Ристевски за Порталб.мк.

Пожарникарите бараат колективно осигурување, корекција на додатоците на плата за работа во ноќна смена, за време на празници и викенд, како и да се плаќа прекувремената работа. Тетовските пожарникари бараат и зголемување на основната плата за 20 отсто.