Фото: Порталб

Најголемиот дел од сопствениците на објектите што треба да се урнат за изградба на булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово се согласија на ова. Но, во моментов има три лица со коишто сè уште нема договор. За нив, оформена е посебна комисија составена од општински советници. Од друга страна, тетовската градоначалничка Теута Арифи очекува во текот на пролетта да се работи на терен, и во текот на нејзиниот мандат, да се одржи отворањето на овој булевар. На терен, нема конкретни работи, пишува Порталб.мк.

Седумгодишното ветување на градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи, почна да се реализира во текот на последните месеци од нејзиниот втор мандат. Меѓутоа, отворањето на овој булевар налага уривање на неколку станбени објекти, со што, не се сите среќни.

Станува збор за околу 17 странки кои треба да потпишат договор со што ќе се согласат, нивните имоти да бидат преземени од општинските власти, а како надомест, на нив им се понудени финансиски средства. Од нив, само три лица се незадоволни, и тоа, како што велат од општината, главно поради меѓусебни проблеми.

Затоа, на последната седница на општинскиот совет е основана комисија што ќе се обиде да ги реши споровите на горенаведените странки.

Ариф Селами, советник од редовите на Алијанса за Албанците е член во оваа комисија и вели дека ќе се обидат да ги убедат поединците кои одбиваат да се повлечат.

„Разговаравме за тоа да отидеме како група во име на советниците за да ги убедиме засегнатите страни со цел да се реализира проектот. Има 17 странки кои треба да се согласат со понудата на општината. Од нив, само 2 или 3 странки не се согласуваат. И, истите тие се членови на исто семејство. Воглавно, нивниот проблем е меѓусебен, за имотни прашања“, рече Ариф Селами, советник од редовите на АА, за Порталб.мк.

Теута Арифи: Започнавме со исплаќање на сопствениците на имотите

Не откривајќи го конкретниот износ и нивната понуда, градоначалничката на Тетово нагласи дека започнале да го исплаќаат надоместокот за сопствениците на имотите што ќе биде одземен. Таа додаде дека е определен рок до кога треба да ги напуштат објектите.

„Што се однесува до булеварот „Благоја Тоска“, при крај сме со постапката на исплаќање на средствата за експропријација. Во исто време, имајќи го предвид фактот дека ова било една од нашите најважни заложби, сите тие што ги примиле нашите средства добиле и известување за временски рок кога треба да ги напуштат домовите за да излеземе на терен за да ја исчистиме трасата и да ги направиме последните подготовки“, рече Теута Арифи, градоначалничка на Тетово.

Известуваме дека еден дел од објектите што ќе се уриваат не биле легализирани. Затоа, со цел сопствениците да не останат без надоместок, Општина Тетово ги легализираше овие градби и според Арифи „ова им одзело многу време“.

Владата на РСМ, на Општина Тетово и додели над 30 милиони денари за овој булевар

Првично, на 26 ноември минатата година, Владата на РСМ, на општината ѝ додели 26,5 милиони денари за реконструкција на булеварот „Благоја Тоска“.

Тогаш, од општината за Порталб.мк рекоа дека средствата ќе ги искористат за експропријација на објектите што претставуваат пречка за изградба на булеварот.

„Со ребалансот на буџетот, Владата на Северна Македонија додели вкупно 29,5 милиони денари за оваа намена, овие средства ќе се искористат за експропријација на објектите“, рекоа од Општина Тетово.

Околу 1 месец подоцна, на 27 декември Владата на РСМ, повторно додели средства за изградба на булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово, овој пат околу 1 милион денари, но овие средства ќе се искористат и за неколку други мали проекти.

Отворањето на овој булевар е ветување на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи од својот прв мандат и тоа од 2013 година, а не е остварено. Порталб.мк пред неколку месеци го подготви „маратонот“ на седумгодишните ветувања на Теута Арифи за овој булевар.