fbpx

Порталб: Општинските советници од Тетово со предлози за исплата на долгот од 24 милиони евра

-

Вкупниот долг на Општина Тетово е над 24 милиони евра. Порталб.мк разговараше со општинските советници од сите субјекти кои учествуваат во советот за решенијата кои ги предлагаат за решавање на овој проблем. Од општината за Порталб.мк рекоа дека во рок од два-три дена износот на долгот ќе биде објавен на плоштадот Илирија на монитор, а детално ќе биде прикажан на општинската веб-страница.

Долгот на Општина Тетово, заедно со јавните претпријатија и училиштата, изнесува над 24 милиони евра. Само Општината должи над 14 милиони евра; ЈКП Тетово должи над 9,6 милиони евра, Градски паркинг над 187 илјади евра и училиштата над 77 илјади евра.

Разговаравме со општинските советници од сите субјекти, кои учествуваат во советот, за да го видиме нивниот став за овој долг и какви решенија предлагаат за негово намалување.

Блерим Османи, советник од ДУИ, рече дека треба да се има предвид дека речиси сите локални самоуправи во државата се соочуваат со слични финансиски проблеми, потребите на градот со развојот на истиот се зголемуваат секојдневно, а финансиските капацитети се исти.

„Врз основа на надлежностите, администрацијата со новото раководство треба да подготви план за динамиката на плаќање и управување со долгот. Знаеме дека општинските претпријатија по секоја цена мораат да ги исполнат своите обврски, додека плаќањата не се вршат секогаш согласно услугите, при што тука спаѓаат капиталните инвестиции кои не секогаш се одвиваат според планот, а потребни се и дополнителни интервенции. Некогаш, самата потреба да се обезбедат услуги, а со цел тие услуги да се испорачаат навреме, доведува до ситуации кога се создаваат и долгови. Секако, убеден сум дека е потребна сериозна интервенција кога зборуваме за финансиски средства, секоја општина да има буџет согласно потребите на граѓаните и бројот на жителите“, изјави Блерим Османи.

За советникот од ВМРО-ДПМНЕ Ангел Карапетров овие прашања бараат многу поширока елаборација и за жал за истите нема инстант решение.

„Прво, што треба да се направи е план и програма за санација на општината и јавните претпријатија и обезбедување на финансиски средства за тековно финансирање. Второ што треба да се направи е Општина Тетово да оствари средби со доверителите за репрограмирање на долгот и зголемување на рокот на исплата и почитување на истиот. Трето, државна помош за јавните претпријатија кои имаат наталожени проблеми и намалена наплата на сметки заради ковид-19. Четврто, локалната власт мора да овозможи квалитетни и достапни услуги на сите граѓани, но и да ја зголеми наплатата на даноците и комуналните сметки, со што ќе се обезбедат подобри јавни услуги и обезбедување фискални резерви за идните предизвици. Петто, намалување  на непотребните трошоци и од носителите на јавни функции очекуваме скромност во делувањето и откажување од привилегиите”, вели Ангел Карапетров.

Елмедина Абдулаи, од независната листа „Подобро за Тетово“, рече дека треба да се изнајде начин за утврдување на моменталната состојба, за тоа дали долговите се направени поради нереализирање на плаќањата за извршување на работите согласно барањата во јавните огласи.

„Доколку има пропусти во постапките, квалитетот, количината и слично да бидат казнети тие фирми на кои им должи општината без да ја обезбедат потребната услуга. Тоа е долг процес, но и единствен за намалување на долгот, а и да биде лекција за економските оператори дека работата мора да се изврши согласно договорот. Во меѓувреме, мора да се запре лошото управување, да се подобрат комуналните услуги и да се спроведе ефикасна наплата на извршените услуги. Треба да се даде можност за ретроактивна наплата на даноци и давачки за изминатите години, истата да се врши на рати или со одредено ослободување. Со еден збор, законот и правилата мора да се почитуваат за да можат институциите да функционираат непречено, во спротивно секоја друга ситуација ќе биде само продолжение на хаотичната состојба во Општина Тетово. Покрај покривање на долгот, многу е важно да се аплицира за средства/грантови кои исто така можат да помогнат во ублажување на финансиската криза во општината“, изјави Елмедина Абдулаи.

За советникот од СДСМ, Илија Димитриески, иако ова е тешка ситуација, има начини за да може да се функционира при што градоначалникот најпрво треба да ја подобри наплатата на даноците и другите обврски.

„Од тоа што го имам како сознание данокот на имот во Општина Тетово има слаба наплата. Тоа може да се подобри со олеснување на начините на плаќање за граѓаните, овозможување на плаќањето на електронски начин, и доставување на Решението за данок на имот до домовите на оние кои не можат да платат електронски. Исто така, во делот на данокот на имот, мора да се направи усогласување на наплатата соодветно со имотот кој го имаат граѓаните, и правично да се оданочува секој по основ на тоа што го има. Потоа, зголемување на обемот на наплата на таксата за водата за пиење. Овде треба да се вложи во механизми со кои ќе се следи потрошувачката на водата за пиење. Општината мора драстично да ги зголеми таксите од користењето на јавните површини во градот од страна на приватните субјекти. Општината како други приходи може да ги утврди и даноците за бучава, и при издавањето на дозволите за пуштање на музика во локалите, таа дозвола да ја оданочува на месечна основа. Зголемување на даноците за такси превозот во градот и уредување и унифицирање на такси превозот. Воспоставување на данок на месечна основа за доставување на производи до економските субјекти во градот, вели Илија Димитриески.

Меѓу другите предлози, Димитриески предложи и две решенија од областа на урбанизмот.

Првото, планирање на нов дел од градот на потегот спроти Веро, долж патот накај Скопје, преку РеМалл, па се до последните економски објекти, па во должина паралелно со Касарната во Тетово. Нов дел од градот кој ќе се испланира по сите урбанистички стандарди, во кој ќе се предвидат објекти со средна висина поставени така да не го спречуваат струењето на воздухот, соодветен зелен појас помеѓу нив и патна инфраструктура по сите стандарди. Ова ќе овозможи инвестиции во нов дел од градот кој ќе биде атрактивен за инвеститорите и за граѓаните. Приходите кои би ги имала општината од ова би придонеле во справувањето со долгот.

И второто урбанистичко решение е ревитализација на стариот дел од градот. Формирање на туристичка улица во Тетово, по примерот на Охрид. За сите објекти, кои ќе се најдат во таа улица, да се предвиди реконструкција на фасадите во автентичен стил за старо Тетово, поплочување со калдрма на целата улица, поставување на канделабри со цветни аранжмани на нив. Стимулирање за пренамена на дел од објектите на таа улица за автентични мали ресторани, за работилници со старите занаети кои некогаш цветале во Тетово, за продавници за сувенири и слично. Со ова општината ќе обезбеди свеж извор на приходи.

Музафер Етеми, советникот од Алијансата за Албанците рече дека плаќањето на долгот од 24 милиони евра е задолжително за општина Тетово, но што се однесува на процедурите за набавка, тие ќе треба да се проверат.

„Доколку има злоупотреба, некој ќе треба да сноси одговорност, но доколку нема такви случаи, гореспоменатиот износ ќе биде обврска на општината кон претпријатијата. Поради високиот износ, општината треба да контактира со претпријатијата и да утврди динамика на плаќање бидејќи таа нема финансиски капацитет да ги исполни овие обврски за кратко време, туку треба да ги планира на подолг период“, изјави Музафер Етеми.

Од советниците на ДПА, Висар Палоши рече дека долгот може да се врати само доколку раководителите на општинските сектори и јавните институции, во составот на општинскиот тим, бидат составени од професионалци, односно соодветни за областа за која ќе бидат избрани. Тој вели дека новоизбраните раководители се именувани врз политичка основа, а не врз основа на нивните професии.

„Исто така како предлог до новото раководство би бил да се намалат непотребните трошоци и рационално управување со буџетот на Општината, а не да се потпишуваат договори на дело само за да се задоволат партиските активисти како што имавме случај со околу 400 договори во претходното раководство, а од друга страна, професионалните и соодветни вработени се игнорираат само затоа што се вклучени во друга политичка партија“, изјави Висар Палоши.

Каков план има градоначалникот за намалување на долгот?

Прашан од Порталб.мк за тоа дали има конкретен план како ќе се реши проблемот со долгот и како овој долг ќе се одрази врз функционирањето на општината, секторите и претпријатијата, градоначалникот Билал Касами одговори:

Во тек е подготовката на тој план, во контакт сум со сите фирми од приватниот сектор на кои им го должиме најголемиот дел од долгот; во моментот кога ќе имам договор за репрограмирање на долгот, бидејќи во моментот сметката на Општина Тетово е блокирана, има над 430 решенија на извршители, и во моментов не располагаме со општинската сметка, така што сите приходи кои доаѓаат на сметката на општината ги земаат извршителите и во моментов можеме да вршиме исплати само на вработените со решение. Ќе направиме репрограмирање за да ја деблокираме општинската сметка, така што од јануари да започнеме со планот за реализација на сите барања што ги ветивме и на кои остануваме и покрај оваа отежната состојба на општината.

Касами, меѓу другото, рече дека целта е репрограмирање на долгот, при што на сите економски оператори им вети дека во одреден период со билатерален договор ќе го платат тој долг.

„Но, во исто време треба да има разбирање што треба да реализираме за овие четири години и проекти и во таа насока ќе има исплата на долгот што јас не го создадов“, додаде Касами.

Да потсетиме дека, Владата на Македонија во 2018 година го покри долгот на општина Тетово за 50 отсто, но тоа не даде никаков позитивен ефект за намалување истиот, тој се зголеми уште повеќе. Долгот од 8 милиони евра во 2013 година е зголемен, и тоа на 24,01 милиони евра за кои зборуваме денес.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...