МОН ги исплати средствата за субвенциониран студентски оброк за ноември

Илустрација: Мета.мк

Вчера беше извршена исплата на средства за субвенциониран студентски оброк на 27.046 студенти корисници на ова право, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Од нив, вкупно 17.484 кои го оствариле правото во првиот рок од конкурсот, ги добија средствата за месец ноември. Истовремено, 9.562 студенти кои го остварија ова право во текот на вториот рок од конкурсот, добија средства за месеците октомври и ноември.

МОН потсетува и дека во периодот од 20-ти до 30-ти, односно до 31-ви во секој нареден месец ќе биде отворена можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за сите оние студенти кои претходно не ги исполнувале условите, или од било кои причини не аплицирале.

МОН информира дека 657 студенти имаат доставено погрешни трансакциски сметки и истите треба да достават точни податоци за да се реализира исплатата, додека 356 апликации од вториот рок на повикот подлежат на проверка преку високообразовните установи околу статусот редовен студент на апликантите, по што за донесената одлука студентите ќе бидат известени преку порталот „е-услуги“.