До 500 евра казна за употреба и до 10 години затвор за продажба на петарди

Илустрација: МВР

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека и годинава спроведува превентивна кампања насочена кон петардите и другите пиротехнички средства, пред и за време на новогодишните и божинните празници.

Истовремено, полицијата исто така и казнува за употреба, според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, односно членот 31, што предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.

Истовремено, директната продажба и тргувањето со петарди и пиротехника се казнува според Кривичниот законик. Во неговиот член 396 се предвидени затворски казни од 3 до 10 години за недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Во овој член од Кривичниот законик меѓу другото се вели:

(1) Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;
(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.