fbpx

Порталб: 112 вработени од „Комунална хигиена“ остануваат без работа – Мазнева нѝ рече „не ни требате“ и вработи други

-

Ни рече „Не ни требате“ и не ни ги продолжи договорите на 112 редовно вработени во ЈП „Комунална хигиена“, а на наше место в.д. директорката Косана Мазнева вработи 41 лице. Над 95 отсто од отпуштените сме Албанци, на кои без никаква причина и предупредување ни рекоа „од утре не доаѓајте на работа“ и нѐ остави на улица во ова време на криза, за Порталб.мк објаснуваат четиримина поранешни вработени на „Комунална хигиена“ – Скопје (КХС), на кои на 4 ноември им истекол договорот за вработување што потоа не им е продолжен.

Меѓу отпуштените може да се слушнат секакви тажни приказни. Раскажувања кои покажуваат како всушност функционира нашата држава – ти носат список во канцеларија и треба да се молиш да го најдеш твоето име во списокот, бидејќи ако не го најдеш, остана без парите, половина од кои до вчера ти ги јадеше поскапувањето на цените како последица на големиот број на кризи во Северна Македонија.

Абдулазиз, Лирим, Самир и Милаим се само четиримина од 112-те отпуштени, кои за Порталб.мк раскажаа како се отпуштени од работа.

 

Ако не го најдеш името на списокот, отпуштен си

4 ноември 2022 година, 15 часот. Абдулазиз Амити се наоѓа во архивата на КХС, каде што работи веќе десети месец. Тој е на крајот од неговото работно време и додека се подговува за да си оди дома, добива телефонски повик од раководните лица на институцијата тој ден да не ја затвори архивата како вообичаено, туку првин да почека да си заминат сите вработени.

По нивното заминување, до Архивата пристигнува список потпишан од директорката, во кој се наоѓаат имиња на неколкумина од вработените.

Абдулазиз и неговите колеги требало да ги прочитаат сите имиња што се во списокот, за да знаат дали од утре ќе бидат на работа или не. Во списокот биле само имињата на тие што им бил продолжен договорот за вработување. На тие што не им бил продолжен, оставено им било самите да сфатат дека од 5 ноември веќе нема да бидат на работа.

Абдулазиз Амити, фотографија од личната архива во текот на работното време

„Моето име не e на списокот, што значи дека договорот не ми е продолжен. Ѝ дадовме на директорката ултиматум една недела, во понеделникот комисијата имаше состанок за повторно да се вратиме сите. Треба да се отстранат тие што не доаѓаат на работа, а нé отпуштија нас што доаѓаме на работа. Според тоа што сум го слушнал, сега со интервенции, со уцени почнале да враќаат на работа по еден, по двајца, но не можам да го потврдам ова“, вели Абдулазиз Амити, објаснувајќи дека на непродолжувањето на договорот не му претходело ниту едно известување или опомена. Според него, мнозинството отпуштени вработени се Албанци.

Тој вели дека директорката Мазнева вработила 41 лице, а ги оставила „без леб“ 122 други со образложение дека е преоптоварување за буџетот.

„Пред да нè отпушти нас, таа вработила 20 лица, а потоа вработила уште 21 лице, значи вкупно 41 лице. Ова не е направено заради големиот број, бројот можеби е голем, но тие што не доаѓаат на работа, тие треба да бидат отпушени, а не овие што биле редовни. Проблем е да се утврди кој доаѓа, а кој не доаѓа на работа, бидејќи секој се штити себеси, претпријатието функционира на партиски начин, а не како што треба. Задржале партиски војници и тоа е голем проблем“, вели Амити.

Абдулазиз моментално е невработен, а мора да се грижи за неговото семејство и четири сираци од брат му. Тој бара се врати на работа, бидејќи нема некоја причина за да биде отпуштен, во време кога се вработуваат партиски војници.

 

Не доаѓај утре на работа, не си на список

„Дојдов дома од работа, во 7 часот навечер ме известија и ми кажаа: од утре не доаѓај на работа бидејќи твоето име не е во списокот на вработени што им е продолжен договорот“, вака ја добил веста за отказот од работа Лирим Терзиќи, кој работел во секторот за контрола на камионите преку системот GPS.

„Законски требаше да нé известат три дена порано. Работата сум ја вршел, без никаква причина ми рекоа дека ти не си повеќе на работа. Колку што знам јас има луѓе што не одат на работа и земаат плати, но тие нé отпуштија нас што сме биле редовни“, додава Лирим.

Тој вели дека директорката пред две недели донела нови работници и бара веднаш да се вратат на работа редовните работници.

„Бараме да нé врати на работа. 99% од вработените се Албанци. Сум барал и да се сретнам со директорката, но не нѐ прима. Пред две недели донесе нови работници. Ако е криза, тогаш не треба да донесе нови работници“, вели Лирим кој останал без работа.

 

Уште не знам дали сум или не сум на работа

Дипломираниот правник Самир Алија пет месеци работел во ЈП „Комунална хигиена“, но и ден денес не знае дали е или не е на работа, бидејќи не добил никакво официјално известување.

Самир Алија, Фотографија од личната архива, во текот на работното време.

„И ден денес не знам дали сум или не сум на работа. Преку другари, колеги од работа, дознав дека отпуштиле 112 лица и дека јас сум еден од нив – и толку беше. Два месеци бев раководител на сектор, кога дојде новата директорка (Косана Мазнева), ме испрати на друго место каде што работев 8 дена, а потоа ме симна и на пониска позиција, ме именува Советник на раководителот на зоната. Не постои никаква причина за тоа зошто не ни го продолжиле договорот. На работа сум бил секој ден од 7-7:20 до 15 часот, имаат евиденција, бидејќи секој ден се евидентираме со картичка. Не сум отсуствувал ниту еден ден“, вели Самир.

Тој бара да се вратат на работа редовните работници и да не се прават поделби врз национална, партиска и верска основа.

„Од 112-те само 2-ца се од ромската заедница и 2-ца од македонската заeдница, другите се сите Aлбанци. Сите овие лица имаат семејства и деца, секој гледа да се грижи за неговото семејство во ова време на криза, за една корка леб. Исто така бараме и оставка на директорката“, вели Самир Алија.

 

Работните места се полнат со партиски војници

На 14 ноември, додека вниманието на државата беше свртено кон заедничката владина седница меѓу Северна Македонија и Албанија,  на растојание од помалку од 2 километри една група вознемирени луѓе кои останале без работа, бараа отчет пред канцелариите на директорката Козана Мазнева за да ја прашаат зошто „ги оставила без леб“, а вработила други партиски лица.

„Отпуштен е нашиот колега правник, заедно со неговата сопруга. На неговата сопруга ѝ е откажан договорот после пет години работа. Отпуштен е и нашиот колега кој со неговата плата, освен неговото семејство, го храни и семејство на брат му, кој почина пред 3 месеци на 35-годишна возраст. Отпуштен е и човекот кој 8 години работи како перач на камиони под отворено небо и лете и зиме. Ова е само мал дел од судбините на луѓето кај нас“, изјави за време на протестот Милаим Алиу, кој од 3 јануари работеше како помошник директор, но на 4 ноември не го пронајде своето име во списокот со имињата на лицата на кои им е продолжен договорот.

„На нашето прашање до директорката зошто го прави ова, нејзиниот одговор беше „не ми требате“. Ваквото однесување кон стотици вработени како да се крпи за чистење на подот е многу нечовечно, арогантно и арбитрарно однесување. Ние не сме дојдени да протестираме за тие што не доаѓале на работа, а земале плата“, додаде Алиу. Тој рече дека од 31 септември до 14 ноември 2022 година се вработени 41 лице.

„Нѐ отпушта нас за да направи место за нејзините луѓе. Заклучокот е дека таа не ја зборува вистината кога кажува дека за „Комунална хигиена“ сме дополнителен финансиски товар“, рече Алиу.

На 9 ноември, како што извести „Слободен Печат“, Мазнева соопшти дека на околу 80 вработени лице преку една агенција за привремено вработување, од кои 46 оперативци и 37 административни работници, нема да им се продолжи нивниот работен однос во „Комунална хигиена“, бидејќи претпријатието нема потреба за нивниот понатамошен ангажман. Нивните договори истекле на 4 ноември и нивниот ангажман е прекинат по направените анализи од страна на раководството.

Порталб.мк побара одговор од претпријатието „Комунална хигиена – Скопје“ во врска со обвиненијата на вработените, а побара и официјален список со имињата на вработените на кои на 4 ноември не им е продолжен договорот за вработување. До објавување на овој напис имаме добиено само потврда дека ги примиле нашите прашања, но одговор сè уште нема.

Неофицијално, Порталб.мк успеа да добие пристап до списокот со имињата на вработените на кои не им е продолжен договорот. Истиот не е целосен, бидејќи од 4 страни фали 1 страна.

Од 112 лица, на списокот се имињата на 85. Порталб.мк бара од „Комунална хигиена“ да ја потврди или демантира автентичноста на списокот кој можете да го видите подолу.

Имињата на вработените во Комунална Хигиена на кои не им се продолжени договорите од Порталб.мк

Косана Мазнева е именувана за директор од страна на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на 12 јули оваа година, откако претходно беше разрешен дотогашниот единствен директор – Албанец на јавни претпријатија во Град Скопје, Зуди Кока поради инцидентот на антиевропските протести во Скопје, кога брат му пукаше со оружје на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.

Во август, директорката Мазнева отпушти од работа 33 работници, сите Албанци.

Непродолжувањето на договорите за работа поттикна реакција кај вработените, кои ја обвинуваат институцијата за „одмазда“ поради политички пазари, а не поради нередовност на работното место. Од „Комунална хигиена“ тогаш изјавија дека вработените не оделе на работа, а земале плати.

„На 33 лица вработени преку Агенцијата за привремени вработувања во јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ Скопје, кои земале плати со месеци и години и не оделе на работа, по завршување на договорите истите не им се продолжени. Треба да се стави крај на безпотребното трошење на парите на граѓаните и да работиме посветено за подобрување на услугите и исполнување на обврските према граѓаните“, велат од Ј.П. „Комунална Хигиена“-Скопје.

Меѓутоа, вработените ги демантираа тврдењата на директорката, обвинувајќи дека нивните места ќе ги пополнат со партиски војници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...