Денеска во Кривичниот суд во Скопје почна судскиот процес против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, но по читањето на обвинителниот акт, рочиштето беше прекинато и одложено, на барање на новата адвокатка на обвинетиот.

Таа, како што пренесува „СДК“, побарала дополнително време за да може да направи увид во предметот и да ја подготви одбраната.

Следното рочиште е закажано за 10 ноември.

Божиновски денеска бурно реагирал на квалификацијата од обвинителниот акт за злосторничко здружување. Тој посочил дека не прифаќа такво обвиниение и оти „судијката која го води случајот и судот каде таа работи се злосторнички здружени“.

На ова реагирала судијката, која побарала од одбраната да му укаже на Божиновски дека треба пристојно да се однесува во судницата.

Судењето на Божиновски првично требаше да почне на 1 септември, но беше одложено бидејќи Апелацискиот суд ги немаше доставено доказните материјали поврзани со предметот.

Божиновски, според обвинението се товари за злостроничко здружување, шпионажа и за уцена.

Тој во 2013 година беше еден од осомничените во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април годинава, Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти врз основа на меѓународната потерница.