Врз основа на спроведената акција од економски криминал под кодно име „Синџир“ за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството што го спроведе Финансиската полиција, осомничени се 26 физички лица и 28 фирми. Денеска, по повеќемесечна истрага, имаше голем претреси на повеќе локации во Неготино, Кавадарци, Битола и Охрид, а сомнежите се дека буџетот е оштетен за околу 8 милиони евра.
Обвинителството, како што стои во соопштението, предложило судот да им одреди мерка притвор на 14 осомничени лица, од кои за едно лице е предложена мерка куќен притвор. За останатите 12 осомничени лица предложени се други мерки на претпазливост. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил и барањa за привремена мерка за забрана за отуѓување и оптоварување на недвижен и движен имот во сопственост на пет физички и седум правни лица.
Лицата и фирмите се сомничат дека ги сториле кривичните дела злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари и други приноси од казниво дело.
„При извршените претреси обезбедена е дополнителна документација која ќе биде предмет на обработка, а воедно досега се приведени и 20 осомничени лица од Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје, додека 6 лица се недостапни на органите на прогонот“, велат од обвинителството.
Според досегашните сознанија, организаторите на злосторничкото здружение со намера да ја одбегнат законската обврска за целосно или делумно плаќање данок, формирале фирми во нивна сопственост и преземале сопственост и управување на претходно основани правни субјекти. Тие заедно со останатите припадници на злосторничкото здружение, во име и за сметка на фирмите изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со вкалкулиран ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги или изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со примена на механизмот за пренос на ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги за кои знаеле дека не се извршени.
Организаторите и припадниците на злосторничкото здружение фактурите ги користеле за меѓусебно сметководствено затворање на дел или на вкупните обврски на нивните фирми. Врз основа на овие фактури за наводно извршени набавки на стоки и услуги, на банкарските сметки на фирмите најчесто не биле вршени плаќања, а дел од меѓусебните побарувања и обврски сметководствено биле затворани со меѓусебни компензации или компензации со повеќе учесници.
„Осомничените организатори и припадници на злосторничкото здружение во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување сметководствено искажале повисок износ на влезен промет и поголемо даночно побарување преку кое ја намалиле вредноста на излезниот промет и ја намалиле својата даночна обврска или го зголемиле своето даночно побарување“, се вели во соопштението на обвинителството.
Потоа, организаторите на злосторничкото здружение со сметководственото евидентирање на фактурите за наводна продажба на стоки и услуги и со нивното искажување во даночните пријави за ДДВ на фирмите, преку институтот даночен гарант, сметководственото евидентирање го искористиле за противправно преземање на даночниот долг на дел од правните субјекти. На тој начин правните субјекти во сопственост или управувани од осомничените организатори на злосторничкото здружение противправно станале даночни гаранти на правните субјекти во сопственост или управувани од припадниците на злосторничкото здружение кои како даночни обврзници имале даночен долг кон УЈП.
Со вака преземените дејствија, според обвинителството, организаторите на злосторничкото здружение им овозможиле на дел од фирмите, сопственост или управувани од осомничените припадници на злосторничкото здружение, пред даночниот орган да не го платат нивниот даночен долг и неосновано да го затворат со лажно даночно побарување на даночните гаранти.
Предистрагата покажала дека со ова, осомничените не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани и го оштетиле буџетот за 490.808.618 денари.
Дополнително од 2020 до крајот на 2021 година, во Неготино, Струмица, Скопје, Штип и во Велес тројцата организатори на злосторничкото здружение и четири осомничени припадници, со цел да го прикријат потеклото на парите и нивното движење, пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на пари и подигале пари во готово во вкупен износ од околу 650.000 евра, за кои знаеле дека се прибавени преку даночно затајување.