Поради поплавите во Тетовско што се случија лани на 3 август, хидрогеолошката состојба на минералната вода во месноста Бањиче е изменета. Во водата има поголемо присуство на минерални соли од порано. Лекарите препорачуваат умерено користење.
– Населението што ја пие оваа вода ќе почуствува дека многу побргу шишињата што ги полнат им се заматуваат. По поплавите, зголемено е количеството на манган, но и на железо. Газираноста е зголемена, а тоа се должи на поголемото присуство на минерални соли. Ако порано препорачувавме од оваа вода да се пие во умерени количества, сега препорачуваме да се пие во мали количества, односно до една чаша, а оние кои имаат висок крвен притисок, не треба да ја консумираат ова вода која е многу богата со минерали – изјави Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје Тетово.
Последните испитувања покажаа дека минералната вода во месноста Бањиче е исправна за пиење.
Моментно, во ова место во функција се два извори со минерална вода, која редовно се употребува за пиење од населението, кое верува дека е лековита. И двата извори редовно се испитуваат од Центарот за јавно здравје Тетово.