fbpx

Поништен конкурсот за локалитетот „Расадник“, доставени само четири труда а потребни биле најмалку седум

-

Меѓународниот архитектонско-урбанистички конкурс за избор на идејно решение за локалитетот „Расадник“ во скопската населба Кисела Вода е поништен, затоа што до истекот на крајниот рок биле доставени само четири конкурсни труда, информираат од Општина Кисела Вода.

„Со оглед дека согласно конкурсната документација минимален број на конкурсни трудови кои ги исполнуваат условите беше седум, жири комисијата констатира дека не се исполнети условите за евалуација на пристигнатите трудови и согласно Конкурсните правила му предложи на градоначалникот да го поништи Конкурсот и да објави нов Конкурс“, информираат за „Мета.мк“ од Општина Кисела Вода.

Општинските власти додаваат дека не се откажуваат од меѓународниот конкурс и по севкупна анализа за причините за малиот број на пријавени компании од Македонија, како и одржување на состаноци и координација со партнерите во овој проект, односно Архитектонскиот факултет од Скопје, Комората на Архитекти на Македонија и Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, наскоро повторно ќе го објави Меѓународниот конкурс.

Според нивните информации, на меѓународниот конкурс бил доставен еден конкурсен труд од земјава и три конкурсни трудови на архитекти од земји од Европа и Азија. Рокот за пријавување на конкурсните трудови на поништениот конкурс беше 11 ноември 2022 година.

За спроведување на Конкурсот беше формирана жири комисија со претставници од Архитектонскиот факултет од Скопје, Факултетот за архитектура и дизајн од Торино- Италија, Комората на Архитекти на Македонија, Асоцијацијата на Архитекти, претставник на граѓанското Партиципативно тело во Кисела Вода и Комисијата за урбанизам во Кисела Вода.

Инаку, меѓународниот конкурс од Општина Кисела Вода беше објавен на 12 јули 2022 година.

Од Општина Кисела Вода посочуваат дека во локалниот буџет за 2023 година предвидени се средства за изработка на Детален урбанистички план за градската четврт Ј14, односно за локацијата „Расадник“ и веднаш по изборот на идејното решение на меѓународниот конкурс ќе се пристапи кон спроведување на тендерска постапка за избор на изведувач за изработка на ДУП-от за „Расадник“.

Општинските власти велат дека и во новиот меѓународен конкурс што треба допрва да биде објавен, јасно ќе бидат поставени условите за локацијата „Расадник“ – да има минимум 100.000 метри квадратни парк-шума, но и објекти од јавен карактер, како што се: високо образовна институција, основно училиште, градинки, верски објект и други инфраструктурни објекти од јавен интерес.

„Од конкурсните трудови не се очекува ниту ќе се дозволи изградба на 99 нови згради на оваа локацијакако што се предвидуваше во минатото. Напротив, со Меѓународниот конкурс се очекува решение кое ќе овозможи предност на јавниот интерес наспроти приватниот и ќе овозмoжи „Расадник“ да биде место за хуман живот“, велат од Општина Кисела Вода.

Изборот на идејно решение за идниот урбан развој на локацијата „Расадник“ на меѓународен конкурс е едно од изборните ветувања на актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Темата за идна урбанизација на локацијата „Расадник“ беше актуелизирана пред одржувањето на локалните избори во 2021 година. Во летото 2021 година иницијативата „За Расадник на можности за хуман живот во Кисела Вода“ организираше протест против досегашниот ДУП за „Расадник“, којшто предвидуваше изградба на 100 станбени згради на оваа локација. На протестот во јуни 2021 година се појавија и сопствениците на земјиште на оваа локација, кои пак во расправија со членовите на иницијативата тврдеа дека немало никакви пречки за да бидат изградени 100-тина станбени објекти и дека тие се откажале од дел од нивното земјиште на име изведба на зеленило во рамки на нивните парцели.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...