Во 2023 година, сè уште зборуваме за нефункционални училишни тоалети, реагира МОФ

Фото: Младински образовен форум

Македонскиот образовен систем е нефункционален, со години наназад властите – минати и сегашни постојано нѐ уверуваат дека образованието е иднината и дека образованието е клучниот рецепт за успех на една држава. Сепак, тоа за жал е само декларативно, а рецептот е очигледно неуспешен. Ова е ставот на Младинскиот образовен форум (МОФ) по повод денешниот Меѓународен ден на образованието.

„Второто полугодие во 2023 година учениците од државните училишта го започнаа исто како и почетокот на училишната година во септември – со недостаток на учебници. Ако една држава не може да го испорача наједноставното / најелементарно за еден образовен процес – навремено да нарача и да испечати учебници, тогаш како може да очекуваме дека некогаш ќе стигнеме барем блиску до останатите развиени образовни системи? Недостатокот на учебници не е единствениот проблем на македонскиот образовен систем“, се наведува во реакцијата од МОФ.

На речиси сите меѓународни и национални истражувања и анализи, велат во МОФ, се укажува дека македонскиот образовен систем е во слободен пад и никој не презема нешто за суштински да го смени тоа.

„Младите од руралните области и младите од урбаните средини немаат ист пристап до образование ниту пак исти можности. Во 2023 година за нашата држава сѐ уште не е проблем тоа што голем дел од учениците во руралните средини одат во училишта кои се без елементарни услови, нереновирани со децении, без функционални тоалети. Да, зборуваме за тоалети“, потенцираат во МОФ.

Оттаму реагираат и дека младите ученици со попреченост сѐ уште се на маргините.

„Многу од овие ученици учебната година ја започнаа без проценка, без асистент, без индивидуален образовен план. Има сѐ уште училишта кои не се пристапни – немаат пристапни рампи, немаат лифтови, адаптиран мебел или пак адаптирани тоалети.
Дополнително, младите од поправните домови немаат пристап до образование со што дополнително им се отежнува процесот на рехабилитација и интеграција назад во општеството“, се наведува во соопштението.

МОФ се осврнува и на буџетот за наука предвиден за годинава, кој изнесува 268 милиони денари и е најнизок во последниве 10 години. Велат дека иако државниот буџет секоја година се зголемува, оваа година за наука биле предвидени дури 42 отсто помалку пари во споредба со 2014 година, а за следната се предлагаат дури 66 отсто помалку во споредба со тогаш.

„Воопшто не треба и да не чуди фактот што нашиот најголем и најстар универзитет постојано опаѓа на меѓународните рангирања и наместо секоја година да оди нагоре – како тоа што се случува со високообразовните институции во регионот – кај нас оди само надоле. Во споредба со универзитетите од регионот најголемиот македонски универзитет се наоѓа при дното, далеку зад најголемите универзитети на Грција, Србија, Хрватска, Словенија и Бугарија“, велат во МОФ.

Младинскиот образовен форум е младинска организација која повеќе од 20 години се бори и се залага за квалитетно образование, основно, средно и високо. Оттаму бараат властите итно и сериозно да започнат со реформирање на образовниот систем и сериозно инвестирање, поради тоа што во спротивно образованието ќе стане целосно нефункционално, а тоа ќе се одрази и врз функционалноста на државата.