fbpx

Полска ќе даде четири авиона МиГ-29 на Украина, остатокот од НАТО срамежлив

-

Откако претседателот на Полска, Анджеј Дуда вчера соопшти дека во следниве денови неговата земја на Украина ќе ѝ подари десетина борбени авиони, од кои четири МиГ-29 ќе бидат испорачани следниве денови, западните земји, во прв ред, САД и Германија, немаат такви планови, но тоа сепак става морален притисок врз нив, пишува британскиот весник „Гардијан“.

Данскиот премиер Мете Фредериксен за данска телевизија вчера рече дека западните земји дебатираат дали да се подарат борбени авиони на Украина, но германскиот министер за одбрана Борис Писториус, исто така вчера, кажа нешто друго.

„Засега, сите се согласни дека уште не е време да се испратат борбени авиони“, рече Писториус.

Белата куќа исто така се огласи, велејќи дека одлуката на Украина да ѝ се подарат авиони МиГ-29 е „суверена одлука“, но нема да го предизвика американскиот претседател Џо Бајден да го снабди Киев со американски ловци Ф-16.

Полска беше првата членка на НАТО што ѝ подари на Украина тенкови Леопард 2.

Во интервју за Би-би-си денеска, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба предупреди дека доцнењето на Западот во доставата на оружје за Украина ќе „чини“ човечки животи.

„Ако една испорака задоцни еден ден, тоа значи дека на фронтот ќе умре“, нагласи Кулеба.

Тој исто така кажа дека изборот што секоја земја го направила по почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари лани ќе биде земан предвид во градењето на идните меѓудржавни односи.

Конкретно, иако западните сили испратија воена и економска помош, многу земји од Африка, Азија и Јужна Америка, останаа пасивни. Сепак, нагласува Кулеба, во мирновременски услови, огромниот извоз на житарки на Украина ѝ даваат значителна економска предност, посебно во делови на светот во развој.

Кулеба е оптимист дека војната ќе заврши, но сепак има критики за Западот, велејќи дека не доставува воена помош доволно бргу.

„Сакаме партнерите да дејствуваат побргу“, вели украинскиот министер за надворешни работи во интервјуто за Би-би-си, нагласувајќи дека најпотребна е артилериска муниција.

А таа потреба е најочигледна во источниот град Бахмут, каде украинските сили повеќе од седум месеци со судни маки пружаат отпор на руските обиди да се заземе градот. Тоа, вели Кулеба, е „емоционално многу напорно“ поради претрпените загуби. Но ако Бахмут падне, тогаш ќе уследат други градови.

„Затоа, за да спасиме животи таму, мора да се бориме за Бахмут најдолго што физички може да издржиме“, вели Кулеба.

Еден голем исчекор во глобалната политичка ситуација е најавата за телефонски разговор меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и кинескиот лидер Сји Џинпинг, што ќе биде првата таква комуникација на највисоко ниво меѓу двете земји од почетокот на руската агресија. Вчера телефонски разговор имале Кулеба со неговиот кинески колега Ќин Ганг, пишува „Гардијан“.

Сји Џинпинг инаку ќе патува во Москва, за средба со рускиот колега Владимир Путин. Белата куќа вчера искоментира дека разговорот меѓу кинескиот лидер и првиот човек на Украина би биле „добра работа“, но предупреди официјален Пекинг да не зазема „едностран“ став за конфликтот.

„Сметаме дека би било добро ако двајцата разговараат. Поддржуваме и сме поддржувале“ рече пред новинарите Џон Кирби, портпарол на Националниот совет за безбедност.

Тој исто така појасни дека САД немаат потврда за идна средба на кинескиот и рускиот водач, но порача Пекинг да избегне барање разрешница на војната што „би ја рефлектирала само руската перспектива“.

Во однос на воените операции, руските напади продолжуваат со сета жестокост. Украинската новинска агенција „Укринформ“ јави дека утрово Авдиивка во украинскиот регион Донецк била повторно цел на воздушни напади, а една руска ракета Кх-59 удрила во станбена зграда во градот и делумно ја разурнала. Во моментот на нападот во зградата имало станари, но сѐ уште нема информации за повредени или загинати.

Извршени биле вкупно четири воздушни напади врз градот ова утро.

Во текот на изминатово деноноќие, регионот Херсон бил цел на вкупно 76 руски напади. Според Регионалната воена управа на Херсон, населени места во регионот биле нападнати 76 пати, при што се испукани 413 минофрлачки гранати, како и проектили од повеќецевни ракетни фрлачи, но и од други артилериски орудија, тенкови и беспилотни летала.

Врз градот Херсон се извршени 13 напади, при што се погодени амбуланта, индивидуални куќи и станбени згради. Едно лице, според досегашните податоци, е повредено.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...