fbpx

Погребано детето кое почина откако беше искасано од кучето на соседот, истрагата е во тек

Две кучиња, „булмастиф“ ќе поминат 14-дневен карантин, период во кој ќе бидат три пати испитувани за беснило и за истото ќе биде издаден сертификат за надзор на беснило, а потоа ќе бидат ставени на тестови за социјализација

-

Тече постапката пред надлежните институции за смртта на осумгодишното дете од скопската населба Пинтија, кое беше искасано од соседско куче од расата „булмастиф“.

Денеска беше извршен погребот на момчето, а две од вкупно три кучиња вчера беа одземени од сопственикот. Станува збор за женка од 12 години од расата англиски булмастиф и мажјак, стар две години, од истата раса.

Нападот, според информациите од надлежните институции се случил додека во куќата немало никој, а момчето ја прескокнало оградата и влегло кај соседите, кога било нападнато од најстарото куче кое го изгризало кај вратот. Детето починало на пат кон болница поради обемното крварење.

Двете кучиња, како што информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), ќе треба да поминат 14-дневен карантин, период во кој ќе бидат три пати испитувани за беснило и за истото ќе биде издаден сертификат за надзор на беснило. По завршувањето на карантинот, кучињата ќе бидат ставени на тестови за социјализација, кои ги вршат овластени проценители.

Тестовите, според познавачите, се вршат на повеќе начини – на пример, покрај кучето се поминува со велосипед или со возило за да се види неговата реакција, му се става рака во устата и се подложува на најразлични дразби за да се види неговата реакција. Потоа, ќе следи и одлуката за тоа што ќе се случува со нив, односно дали ќе бидат вратени на сопственикот, ќе има ресоцијализација или пак ќе следува евтаназија.

Инспекторите на АХВ вчера утврдиле дека кучињата се уредно идентификувани со микрочип и навремено ги примале годишните вакцини. Дворот каде што биле чувани бил соодветно заграден, сопственикот имал три боксови за трите кучиња што ги имал, а на влезот од куќата бил поставен предупредувачки знак „Пази куче“.

Од обвинителството сè уште нема информација до каде е текот на постапката.

Случајот дополнително е отежнат поради фактот што нападот од кучето се случил на приватен имот, а кај сопственикот првично не се најдени пропусти во однос на начинот на кој биле чувани кучињата, а што се пропишани во Законот за ветеринарно здравство, Законот за заштитa и благосостојба на животните и Законот за идентификација и регистрација на милениците.

Од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ вчера порачаа дека како здружение без дилема веднаш би поддржале забрана за увоз, продажба, подарување и размножување, како и чување од малолетни лица на секое животно кое има „физички“ предиспозиции да нанесе тешки телесни повреди или да загрози животот на друго битие. Инаку, тежината на булмастифите достигнува и над 60 килограми. 

Како што стои во описот на американската ветеринарна компанија „Хилс“  булмастифите се кучиња кои се приврзани со членовите на семејството и се со „генерално мирна, лесна природа“. Сепак, како што стои во описот за нивната раса, „лежерниот однос на булмастифот со членовите на семејството веројатно ќе се промени ако во ‘сликата’ влезе странец“. 

Булмастифот е раса официјално препознаена во 1933 година, а развиена во средината на 19 век од британски ловочувари кои имале за цел да ги заштитат селските имоти од ловокрадците. Со вкрстување на мастифот и булдогот, одгледувачите сакале да развијат моќно, активно животно кое може брзо да помине кратки растојанија, да собори ловокрадец на земја и да го држи додека не дојде ловочуварот за да го фати натрапникот. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...