fbpx

Под знамето на ЕУ

По повод 9 мај, Денот на Европа, деновиве повторно се актуелизира (зло)употребата на знамето на ЕУ во парламентарната процедура

-

Да ги погледнеме најпрвин здодевните формалности: Деловникот на Собранието на Република Македонија воведе посебни одредби за закони со кои се врши усогласување со законодавството на ЕУ со измените од 2008 година. Суштествените одредби се однесуваа на тоа дека на пратениците со предлогот на законот требаше да им се дадат информации и да им биде образложено какво е усогласувањето.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Попрецизно, содржината на секој предлог закон со кој се врши усогласување треба да содржи и податоци за изворните акти на Европската унија со полн назив, број и датум како и Изјава за усогласеност. Тогаш се даде можност и за скратена постапка, кога не се работи за сложен и обемен закон со кои се врши усогласувањето. Ставањето на ознаката на „знаменцето на ЕУ“, пак, е право на Владата, според нејзиниот Деловник. Меѓутоа, со измените на собранискиот Деловник од 2013 година се додадоа прецизни одредби кои ја ограничија расправата за овие закони (за усогласување со законодавството на ЕУ, но не сложени и обемни). Тоа ја отвори „Пандорината кутија“.

Да видиме што вели ЕУ за оваа практика. Користењето на скратената постапка за донесувањето на законите воопшто е веќе петнаесетина години редовен предмет на критика во извештаите на Европската комисија. За прв пат специфично ЕУ знаменцето се споменува во Извештајот од 2020 година, кога се споменува дека пратениците се договориле во рамките на Дијалогот Жан Моне да направат измени и во однос на законите обележани со знаменце на ЕУ. Ова се споменува како незавршена обврска и во двата последователни извештаи – од 2021 и од 2022 година.

Како и секогаш, Европската комисија беше внимателна кога го оценуваше користењето на знаменцето на ЕУ за скратена постапка во Собранието. Така, во извештаите од 2021 и 2022 година е додадено дека опозицијата го критикувала користењето на знаменцето на ЕУ (патем, тоа е онаа опозиција која била позиција во 2013 година и во чие време е воведена скратената постапка). Меѓутоа, во последните два извештаи се додаде и препораката дека „користењето на „знаменцето на ЕУ“ треба да биде кохерентно/конзистентно и поврзано со закони, кои голем дел има за цел усогласување со acquis на ЕУ“. Не е тешко да се препознае дека оваа порака деновиве ја повтори амбасадорот на ЕУ во земјава, напоменувајќи дека “европското знаменце треба да се употреби само кога се во прашање закони што се поврзани со европските норми и стандарди“.

Ако суштински го разгледаме прашањето на посебна – забрзана постапка за донесување на актите кои придонесуваат за усогласување на законодавството со она на ЕУ, се поставуваат две основни прашања: 1) За кои акти на ЕУ се работи; 2) Потребата од брзање за усогласување со законодавството на ЕУ.

Собраниските деловнички одредби се резултат на искуствата од претходните пристапувања, па во голема мера се копирани решенија од држави кои порано пристапиле во ЕУ (често пати и со придонес на проекти финансирани од ЕУ или други донатори). Проблемот е што при копирањето не се води сметка за спецификите на сегашниов процес на пристапување.

Во минатото проширување програмите за усогласување со acquis на ЕУ главно се сведуваа на усогласување со директивите и регулативите на ЕУ. Тие го немаа како приоритет „Темели“. Она што денес се подразбира под acquis е многу пошироко од она што тогаш беше acquis, едноставно затоа што во меѓувреме тоа се прошири, опфаќајќи ги областите на темелните права и владеењето на правото. Оттаму, методологијата на усогласување треба во голема мера да се иновира, токму имајќи го предвид развојот на acquis. Меѓутоа, суштината на ова прашање е далеку од фокусот на дебатата. За жал, „усогласувањето со законодавството на ЕУ“ служи само за оправдување на парцијални решенија, водени од политички прагматизам, кои често одат спротивно на „нормите и стандардите“ на ЕУ.

Второто прашање – чуму брзање? Зошто воопшто скратена постапка за овие закони? Оние кои ја воведоа имаа извесен (и краток) датум за пристапување (а со тоа и за преземање на целокупното acquis). Тоа не е случај со нас. Ние имаме доволно време за расправа, само ако сакаме.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...