По страшниот рекорд од 2019, дивата сеча на шумите лани делумно ставена под контрола [инфографик]

Photo by Janusz Maniak on Unsplash

Бесправната сеча на дрвја во земјава е горлив проблем поради кој продолжува да се уништува шумското богатство. Само во 2020 година, регистрирани се 19.282 метри кубни бесправно исечена дрвна маса од шумскиот фонд на земјава, се наведува во податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Ситуацијата лани била подобрена во споредба со претходните години, но треба да се земе в предвид и фактот дека поради ковид-19 пандемијата имаше и ограничување на движењето на целокупното население во одредени временски периоди.


Статистичките податоци велат дека катастрофална година за шумскиот фонд била 2019 година, кога дрвокрадците успеале да исечат 45.795 метри кубни дрвна маса на диво. За изминативе пет години, но и за целата претходна деценија, информациите достапни преку ДЗС покажуваат дека нема година, а да не се украдени барем 10.000 метри кубни дрвна маса од шумите.

Ваквото свесно уништување на шумите е првенствено насочено кон остварување на профит на диво, а најголемите последици од ова ги чувствува локалното население кое живее во близина на шумските пространства. Површините засадени со дрвја се единствениот апсорбирач на растечките емисии на стакленички гасови во атмосферата, а дозволувањето на бесправната сеча на шумите по автоматизам значи и негрижа за влијанието на климатските промени со кои се соочува нашата земја.

Во публикацијата „Пустошење на нашата иднина: Форми/модели на организиран криминал во бесправната сеча во Република Северна Македонија“, изработена годинава од Центарот за европски стратегии ЕВРОТИНК, се даваат детални податоци во однос на штетата што ја предизвикува бесправната сеча на шумите.

Во документот се тврди дека последниот попис на националниот шумски фонд на земјава бил направен во 1979 година. Лани била запленета бесправно стекната дрвна маса од 857 метри кубни огревно дрво, 62 метри кубни техничко дрво, 7 метри кубни друго техничко дрво и 143 метри кубни неконфискувана дрвна маса.

Шумската полиција во изминатата деценија конфискувала 4.238 возила и 6.626 средства за сеча, е податокот до кој дошле авторите на оваа публикација Иван Стефановски, Александра Данаиловска и Мила Георгиевска. Притоа, тие ги откриле податоците дека само во 2020 година биле поднесени 778 поднесоци во врска со предмети и активни случаи поврзани со бесправна сеча од страна на Шумската полиција.

Она што е најстрашно, дивокрадците не се единствените непријатели на шумскиот фонд, кој изминатиов период страда и од шумски пожари, елементарни непогоди, но и од континуираното намалување на нови пошумени површини во земјава.

Севкупно земено, податоците на Државниот завод за статистика за 2020 година покажуваат дека вкупната површина на шумското земјиште изнесувала 1.153.451 хектари, што е најголема површина во изминатава деценија. Процентуалната површина под шума на ова земјиште расте со текот на годините, но се зголемуваат и хектарите на неплодно шумско земјиште.