По грешка, видео играта „ФИФА“ во Индија се продаваше со попуст од 99 отсто

фото: @jeshoots на Unsplash

Компанијата „Електроник Артс“ (ЕА), по грешка, најновата верзија на играта „ФИФА“ (FIFA 23 Ultimate Edition) во Индија ја продавала по цена од 4,80 рупии, што е еднакво на 0,06 американски долари, јави „Би-би-си“.

Купувачите го искористиле моментот на неверојатниот попуст и ја набавиле играта од продавницата на „Епик Гејмс“ во Индија со попуст од 99,8 отсто. Грешката која настанала во поставувањето на децималната точка била забележана и поправена, но до тој момент веста за спектакуларниот попуст веќе била споделена на социјалните мрежи. Издавачот „ЕА“ се согласил да ги испочитува поволните пред-купувања на играта, признавајќи дека грешката е нивна.

„FIFA Ultimate Editions“ вообичаено се поскапи од стандардните изданија на играта бидејќи нудат поволности како што се поголеми можности за тргување со играчите, дополнителни поени и пристап до играта пред нејзиното официјално лансирање.

Во Индија, цената на оваа верзија изнесува 4.800 рупии, односно 60 американски долари, додека стандардното издание чини 44 долари.

Инаку, „ФИФА 23“ ќе биде последното издание на истоимената и најпродавана фудбалска серија на „ЕА Спортс“.

Компанијата претходно соопшти дека, по 29 години, ја прекинува соработката со брендот ФИФА и дека од следната година, фудбалските видео игри ќе се продаваат под ново име – „EA Sports FC“.

Меѓународната фудбалска федерација ФИФА, исто така, соопшти дека планира да објави свои ривалски игри.

Играта „ФИФА“ го менува името од следната година